Отишол во болница поради мигрени, лекарите откриле црв во неговиот мозок: Тоа ви е од сланината!

Foto: Printskrin / American Journal of case reports

Маж од Флорида отишол на лекар жалејќи се на упорни мигрени, а таму следело шокантно откритие: лекарите откриле дека има тенија во мозокот!

Неименуваниот пациент на 52-годишна возраст побарал лекарска помош откако неговите хронични главоболки зачестиле во последните четири месеци и лековите престанале да делуваат, пишува „Дејли мејл“.

Скенирањето покажало повеќе цисти на двете хемисфери од неговиот мозок, како и оток, за кој експертите за заразни болести потврдиле дека е резултат на свинска тенија која снесла јајца во неговиот мозок и го иритирала ткивото под черепот. Се верува дека пациентот заболел откако јадел недоволно зготвена сланина и на лекарите им рекол дека повеќе сака мека сланина.

Пациентот им рекол на лекарите дека неговите вообичаени лекови повеќе не ги спречуваат мигрените од кои страдал, а кои сега се појавувале речиси секоја недела.

Мажот рекол дека неодамна не патувал надвор од земјата ниту јадел сирова храна. КТ и МРИ покажале повеќе цисти на двете страни од неговиот мозок. Му била дијагностицирана паразитска инфекција невроцистицеркоза.

Состојбата се користи за да се опише кога цисти на ларви – затворени ќеси кои го содржат незрелиот стадиум на паразитот – на свинската тенија инфицираат различни делови од телото и предизвикуваат воспаление.

Лекарите на пациентот веруваат дека паразитот влегол во неговото тело преку недоволно зготвена храна, а потоа преку крвотокот патувал од неговите црева до мозокот.

Симптомите зависат од тоа колку цисти и каде се наоѓаат во мозокот, но најчесто вклучуваат конфузија, недостиг на внимание на луѓето и околината, проблеми со рамнотежата и вишок течност во мозокот познат како хидроцефалус.

Експертите кои го лекувале пациентот забележале и дека нападите се јавуваат кај околу 80 отсто од пациентите со инфекција.

Пациентот бил однесен на одделот за интензивна нега, каде четири пати на ден му давале кортикостероид дексаметазон за да се намали отокот во мозокот.

Две недели му давале албендазол и празиквантел, кои се користат за лекување на инфекции со црви, така што цистите на пациентот исчезнале.

Случајот бил објавен во стручниот магазин „Американ журнал оф кејс репорт“ (American Journal of Case Reports).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот