Оставки, вистина и факти

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Точно е дека демократијата инсистира на идејата дека вистината е многу важна, но, од друга страна, и дека никој нема право дефинитивно да каже што е вистина. Постојаното посегање по вистината како идеал, па и оспорувањето на некои „вистини“, е движечката сила вградена во прогресот на едно слободно општество.

Ова не се однесува и на фактите. Фактите се тие што се. Хаосот што го внесе Доналд Трамп во вредносниот систем на Американците со својата „алтернативна вистина“ ги принуди новинарите на Си-ен-ен да направат реклама што ја вртеа деноноќно. Одеше со цртеж на јаболко и на банана и гласеше: Ова е јаболко, а не банана. Банана е ова, а јаболко е ова.

Хаосот што настана во македонската политика по прогласувањето на независноста и плурализмот, исто така, е производ на погрешното сфаќање на демократијата. Имено, дека со проблематизирањето што е вистина, е дозволено да се проблематизираат и фактите. Некогаш тоа се прави намерно заради корист за определена политичка партија или политичар, а многу често, тоа е производ на големото зло на денешницата – површноста.

Има вина и кај мене. Со децении не реагирам на една дезинформација што е производ токму на таа површност, па четвртата оставка е прогласена за прва. Имено, дека министерот за транспорт и сообраќај во Владата на Црвенковски, Антони Пешев, е првиот што поднел оставка на својата функција, од морални причини. Очекував некој друг од медиумската или од политичката сфера да ги истражи фактите. Конечно, по четврт век, тоа и се случи. Некни заѕвони мобилниот и на другата страна беше Сашо Орданоски кој, претходниот ден, објави текст за историјата на оставките во македонската политика, повторувајќи ја истата дезинформација. Сакаше да ги провери фактите. Ми рече дека, по објавувањето на колумната, пријател го предупредил дека јас сум тој што прв поднел оставка. Мојата инстант-реакција беше дека и тоа не е точно, бидејќи првиот што поднесе оставка во експертската влада беше министерот за образование Димитар Димитров околу образованието на Албанците. Потоа, му објаснив на Орданоски – втората оставка беше мојата. Ја поднесов по Лисабонската декларација во 1992 година, која доби забележителен публицитет во светскиот печат. Оставката ја поднесов во знак на протест против заклучоците на европските шефови на држави и влади за името на Република Македонија, наспроти ветувањето дека ќе се заложат за заеднички прифатливо решение со Грција. Оставката не ми беше прифатена. Претседателот Глигоров вложи усилби да ме убеди да останам и да му помогнам во подготовките на следниот предизвик што ја чекаше државата, Лондонската конференција за Југославија. И третата оставка на министер од македонската влада е моја. Ја поднесов во 1993 година, во знак на протест против поведението на партиите во Парламентот, кои решија да израмнуваат стари сметки во погрешно време. Наместо да се фатат за кофи и пумпи за да го спасиме малиот македонскиот брод, зафатен од немирните води на меѓународната политика и заедно мирно да го внесеме во ОН, се решија на бродска тепачка.

Што сме научиле од искуството со оставките? Зад секоја оставка стои посебна приказна, која треба да се истражи и да се соопшти. Не се работи за трка – кој прв. Секоја оставка е единствена и прва, ако сакате. Само треба точно да се утврдат фактите. Ах, да, има уште еден факт што не сум го утврдил: кој од колегите во Владата на СДСМ, на мојата пишана оставка го додал зборот „неотповиклива“, како што осамна утредента во печатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот