Османи: Евроатлантската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста

Четири години членство во НАТО / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Членството на Македонија во НАТО, според министерот за надворешни работи Бујар Османи, не претставува само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели.

На традиционалниот НАТО настан, со кој се одбележува четиригодишнината од членството на земјата во Алијансата Османи порача дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции, истакнувајќи дека Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан.

– Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. На тој начин, земјава претставува не само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели, рече Османи, потенцирајќи дека сега е време за забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси.

Четири години членство во НАТО / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Тој додаде дека евроатлантската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста. Евро-атлантските интегративни процеси, според него, се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни.

Четири години членство во НАТО / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Воедно, Османи го поздрави проширувањето на трансатлантското семејство со две нови земји членки – Финска и Шведска, нагласувајќи дека ваквиот чекор е особено значаен бидејќи ќе ја направи Алијансата посилна и дополнително ќе ја зајакне евро-атлантската безбедност.

На настан се обрати и првиот заменик на претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој рече дека со гордост можеме да кажеме дека го исполнивме сонот на многу генерации и дека така, треба да го исполниме сонот за Европската Унија, сега пореален од било кога.

– Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни, рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот