Општина Аеродром: Граѓаните чекаат по 10 години за да им се потпишат решенијата за легализација

Лисиче, Фото: Слободен печат/Елена Вељановска

Процесот на легализација на диво изградените објекти, од кои во најголем процент спаѓаат индивидуални домови изградени пред 15, 20 па и 30 години во Општина Аеродром оди исклучително бавно. Како резултат на тоа има семејства кои за да им биде легализиран домот во кој живеат, чекаат и повеќе од десет години иако во целост ги имаат исполнето условите и ја имаат доставено комплетната документација потребна за реализација на овој процес. Од Општина Аеродром ветуваат дека целата постапка за легализирање на објектите, наскоро ќе се интензивира.

– Наша обврска е да го завршиме процесот на легализација на бесправно изградените објекти, кој почна пред повеќе од 10 години. Во Општина Аеродром се поднесени околу 10.000 барања, од кои досега се завршени само околу 6.000. За да се забрза процесот на завршување на преостанатите предмети, почнавме со нова поефикасна реорганизација на вработените во Секторот за урбанизам, поради што очекуваме процесот на легализација да се одвива непрекинато, без застој во општина Аеродром – ветуваат надлежните од оваа скопска општина.

Оттаму велат дека нивна цел е да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните и да им се овозможи да си го остварат своето законско право за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, според надлежностите што ги има општината, но и според законски утврдените критериуми.

Кога станува збор, пак, околу тоа дали сите објекти за кои е побарана легализација ќе бидат легализирани, од Општина Аеродром уверуваат дека пред да се донесе каква било одлука најпрво ќе се утврдува конкретната фактичка состојба.

– Кога станува збор за објекти што сепак нема да бидат легализирани, потребно е да се утврди конкретната фактичка состојба, сопственоста на земјиштето, дали објектот е изграден пред или по донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, дали документацијата е комплетирана во законски предвидениот рок, дали постојат урбанистички пречки за легализација и слично – велат од Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот