Опозиција што мисли дека мисли

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Од Скопје преку Белград до Тирана – така приближно изгледа „Малиот Шенген“ и моментниот пресек на „жариште“ во македонско-српско-албанската политика. Од една страна станува збор за „локална“, а од другата страна  – за „глобална“ политика. Најголемиот проблем на овој и ваков „трилатерален“ сојуз е што погрешно се интерпретира, и што, сепак, во некоја смисла, мене лично ми одговара „времето на конфузија“, од причина што ми овозможува да имам за што да пишувам, па оттука ќе се обидам да расчистам некои магли и општи места за средбата Рама – Вучиќ – Заев.

Се разбира дека „Малиот Шенген“ не се мачка на леб, ниту може „да ги наполни тракторите со бензин во Кавадарци“, што би рекол еден мој драг пријател. И, се разбира, на оној што нема пари да отиде до Белград, Тирана или Скопје, ќе му биде совршено сеедно што ќе се случува со малиот, а што со „големиот“ Шенген. Оти тоа нема да го гледа како триумфализам, без разлика што ќе поминуваме низ овие земји само со лична карта и без разлика што укинувањето на визи меѓу земјите од „големиот Шенген“ за обичните граѓани нема да претставува „совршена работа“.

Имено, „Малиот Шенген“ е важна работа. Важни се практиките од оваа средба, затоа што, како прво, се гасат лудите наративи за „голема Албанија“ и „голема Србија“, а од друга страна, со „Малиот Шенген“ Заев во својата земја покажува колку некој друг ја одвоил Македонија од својот матичен континент, прво ја одвоил од соседите, а потоа ја одвоил од оние европските. На Македонија ѝ требаа цели единаесет години да докаже дека може да соработува со земјите од регионот, а за само две години докажа дека Македонија може да соработува и да потпишува билатерални договори со земјите од ЕУ, со што уште еднаш ни се потврдува логичниот факт дека земјата не смее да биде во изолација, односно Македонија не смее повеќе да си дозволи да се наоѓа во дупка.

Ако некој пред дванаесет години ми речеше дека за само две години ќе се завршат најважните билатерални прашања, од тогашна перспектива тоа би го сметал за катаклизма, дури и за невозможно сценарио. Единствено пофасцинантно од тоа би ми било сознанието дека таквиот редослед на работите ќе го изведе Заев, кого денес разни политички шарлатани го нарекуваат мек, некој што не знае што прави, некој што ја засрамува земјата. Сакаат да ни кажат дека не беше „десната рака“ на Груевски, нашата најголема „брука“ и несреќа. Но, очигледно е дека Груевски повеќе го нема, не велам дека е умрен или дека е преобразен во некоја друга „животна“ форма како што гасеница може да се претвори во пеперутка.

Бизарна е оваа метаморфоза на земјава, некои нејзини фази навистина го тераат човека на повраќање, ама сето тоа мене, сепак, ми е некако чудно. Најчудни ми се оние луѓе што не посакуваат никакви метаморфози само затоа што ним би им било покомотно во еднаш-и-засекогаш завршена поделба на улоги што секој од нас ја носи на раменици, демек животот е сценски настап или опера, во која секогаш се знае какви се баритоните, а какви тенорите.

Зоран Заев треба да го „капитализира“ тој „Мал Шенген“ и по стоти пат да ни докаже дека со оваа земја може поинаку. Проблемот на оваа земја не е Заев, туку „патриотската“ опозиција, која овие денови гротескно се потсмева со „Малиот Шенген“, се бламира поради таа „либерализација“ од „проток на луѓе, стоки и производи“, демек како да се работи за некаква „шибицарска ујдурма и некој безначаен ситниш“, објаснувајќи ни по стоти пат како опозицијата размислува (и дејствува!) „антиполитички“: сè што таа нуди како алтернатива е губитничко инаетење и враќање на политиката која повеќе од убедливо е поразена и црно-на-бело потврдена како епицентар на проблемот, а не како негово решение.

Може да се рече и вака: „патриотите“ што денес се здружуваат „на жими мајка“ за да ја срушат актуелната власт, имаат за цел да ревидираат сè што досега се направи, да коригираат устав и „Преспански договор“, а со тоа – трчајќи повторно во популизам – спремни се да предизвикаат повторно несогледливи штети за земјата кон внатре, а богами и кон надвор. Па, потоа што им даде господ. А, ако не стигне никаде, ако остане да шлајфува во место (како што шлајфуваше во изминативе 12 години), за нив е повторно добро. Таквото размислување во основа е антиполитичко и контраисториско – ама слободно можам да тврдам без никаква грижа на совест – Македонија со ваква опозиција, која не го разбира контекстот и сопствените позиции, повторно е спремна да се сопне на еден исти камен. А таа грозна политичка приказна, сепак, остана позади нас.

Сега сигурно се прашувате како е можно „вечно да се вртиме во круг“? И зошто за Заев нема вистинска алтернатива? Нема, оти оние што се претставуваат за алтернатива, дејствуваат како изнервирана дилетанска трупа. Исклучокот е во пресоблечените „груевистички радикали“, луѓе што не се спремни за големи натпревари, а таму работите знаат да бидат многу покомплицирани отколку во натпреварите од „трамвај лига“, на терените меѓу „Скопје и Ѓевѓелија“, ако ме разбирате што сакам да кажам.

А за „Малиот“ и „Голем Шенген“ ич муабет да не правиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот