Оние кои се плашат од вирусот, живеат подолго

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во текстот објавен минатата недела во Њујорк Тајмс, прославениот литерарен нобеловец (2006 г.) Орхан Памук пишува за истражувањата што ги спроведува во последните четири години во подготовката на својата нова, сè уште неиздадена книга („Ноќи на чумата“) чие дејство се одвива во 1901 година во Турција за време на избивањето на третата голема пандемска чума која покосила милиони жители во тогашна Азија. Овде не ми е поентата да расправам за креативното провидение на Памук кој, пред неколку години, се инспирирал да пишува на тема за којашто веројатно не можел ни да претпостави дека ќе биде толку животно актуелна во 2020 година, туку повеќе за неколку негови важни историски опсервации, толку битни за модерните здравствени и општествени премрежија.

Имено, Памук констатира дека, низ историјата, пандемиите секогаш, кога ќе избиеле, се третирале на сличен начин: на почетоците разни властодршци ги негирале или ги минимизирале нивните закани, игнорирајќи ги и криејќи ги, а потоа често и фалсификувајќи ги бројките на заразените и мртвите, сè додека работите не излегувале толку од контрола, што последиците биле катастрофални. За илустрација на ваквиот однос, Памук наведува бројни историски и литерарни сведоштва. „Многу од литературата што се занимава со чумите и заразните болести ја претставуваат негрижата, некомпетентноста и себичноста на оние на власт како клучни поттикнувачи на бесот на масите“, заклучува Памук.

Слично е и со теориите на заговор, гласиштата и производството на лаги кои, забележува Памук, ги следат пандемиите од дамнини. Луѓето бараат некого да обвинат, а водени од стравот за своите животи, подлегнуваат на секакви масовни хистерии и паники, често пати политички мотивирани. „Стравот, како мислата за умирање, нè прави да се чувствуваме осамени, но препознавањето на тоа дека сите минуваме низ слично чувство на болка нè извлекува од осаменоста… Тоа раѓа чувство на солидарност… Со време, станувам сè помалку посрамотен од мојот страв… Се потсетувам на поговорката за пандемиите и чумите, дека оние кои се плашат живеат подолго“, вели Памук, меѓу другото, со својата извонредна литерарна и филозофска проникливост, пред во својот напис да се посвети и на други теми – на пример, чувството на религискиот фатализам, наспроти ефикасноста на мерките на секуларните држави во борбата против ширењето на вирусите – релевантни и за денешната пандемија.

Ете, не мора човек да консултира само научни студии и споредбени здравствени статистики, за да сфати дека и од оваа пандемија како подобри „победници“ ќе излезат оние кои уште од самиот почеток не ја потценија здравствената закана на ковид 19. Постапките на некои држави, меѓу нив и сериозни западни демократии, да се обидат заразата да ја минимизираат, опуштено да ја третираат особено во првите недели од нејзината појава или да ја експериментираат со теориите за брзо стекнување масовен имунитет кај населението и слични неодговорни пристапи, им донесе илјадници мртви, кои веројатно можеа да ги избегнат.

А сега ќе се појават и сите „генерали после битка“ – додуша, и многу „поручници“ додека битката уште трае – кои ќе се прават отпосле паметни за тоа што и како требало да се прави за да се поминело подобро, само да беше било нивните совети да биле послушани. Да не зборувам за оние кои не се откажаа од занаетот на ширење лаги и теории на заговор, за да ги авансираат своите политички или лудачки агенди.

„За да се роди подобар свет после оваа пандемија, мораме да ги прегрнеме и да ги негуваме чувствата за сочувство и солидарност произлезени од сегашниот момент“, заклучува Орхан Памук.

На тоа нема што многу паметно да се додаде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот