Охрид солидно посетен за дочекот на Новата 2022 година, најбројни гостите од соседните држави

Охрид за Нова година/ фото: МИА

Охрид уште од вчера почна да се полни со гости и да потсетува на туристички центар како што и му доликува. Градот гостите ги пречека со сонце и температура далеку повисока од вообичаената за овој дел од годината, а така, барем според најавите, се очекува да биде и наредните празнични денови.

Според она што може да се забележи најбројни се гостите од соседните држави, најмногу од Србија и Црна Гора. Претежно се работи за помлади лица, кои се тука да ги минат новогодишните празници и најчесто доаѓаат групно, но секако има и индивидуални посети. Гостите според она што го кажуваат, задоволни од времето, убавината на градот, празничната атмосфера, но со забелешки за сместувањето, најмногу на незатоплените соби.

Бројни се и нашинците од дијаспората кои заради зајакнатите мерки за справување со коронавирусот во западните држави решија празниците да ги минат овде. Од вчера и Германија ја стави С Македонија на зелената листа, така што на враќање после празниците назад нема да мора да одат во самоизолација односно домашен карантин, независно дали се вакцинирани или со негативен тест на Ковид-19.

Хотелските капацитети на Охридската ривиера речиси без исклучок ќе бидат со гости во индивидуална режија, без организирани групни посети и до 70-процентна исполнетост.

За разлика од нив, угостителите овие празници барем според најавите ќе ги минат со одлична посетеност, иако во рестораните, кафулињате, баровите оваа година се со нешто повисоки цени. Повеќето од репрезентативните кафеани се целосно закупени, со уште мал број преостанати места. Дел од угостителските објекти ќе работат со симболична цена за влез и редовни цени на пијалоците, така што има понуда и за оние со поплиток џеб.

Градот е веќе украсен, на Градскиот плоштад веќе е поставена бината така што Новата 2022 година се очекува одреден број гости и охриѓани да ја дочекаат на отворено. За нивна забава ќе се погрижат локални естрадни уметници и групи, најавен е настапот на „Ле-трик”, „Бекдор-Бенд”, „Камелеон”, „Урбан планет”, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска. Специјален музички гостин на вечерта ќе биде Верица Ристеска, а свој перформанс ќе имаат диџеите „Фејс” и „Гец” заедно со Јана Слеј.

Во секој случај, Новата година Охрид ќе ја дочека со неспоредбено поголем број гости отколку лани на дочекот на оваа 2021 што е на истек, кога поради епидемијата на коронавирусот беа целосно забранети организирани забави и побројни семејни собири.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот