Охрид: Кога не се уриваат старите, никнуваат нови дивоградби

Сосемa е веројатно дека Охрид ќе биде ставен на листата на загрозено културно и природно наследство, е ставот на дел од стручната јавност во пресрет на извештајот на УНЕСКО што се очекува да биде објавен во текот на месецов. Охридскиот регион од 1979 година е на листата на добра од светско природно и културно значење.

Експертите велат дека се пробиени сите рокови за поправање на грешките, констатирани со извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО и со Извештајот за напредокот по однос на забелешките на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

Екологисти предупредуваат дека на охридското крајбрежје не само што не се уриваат бројните дивоградби, туку се продолжува со уништувањето на езерскиот брег со нови узурпации, неказнети од надлежните. Акцискиот план за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е донесен пред една година.

Најмногу „диви“ – од Заливот на коските до Трпејца

Непосредно пред новогодишните празници, Националниот парк Галичица на чијашто територија се наоѓаат две третини од подрачјето заштитено од УНЕСКО, до Работната група формирана од Министерството за транспорт и врски, во склад со препораката на УНЕСКО за справување со бесправните градби за кои е донесено решение за уривање, доставил список од 29 објекти, за кои тие сметаат дека се приоритетни за уривање.

– Сите се индивидуални викенд-куќи, лоцирани на самиот брег, на потегот меѓу Заливот на коските и Трпејца, во строго заштитена зона, често на само неколку метри од езерото –  вели Андон Бојаџи, надлежен за заштита на природното наследство во рамките на Националниот парк и доскорешен директор на НП Галичица. Тој истовремено е и претставник на таа институција во Комисијата за управување со светското природно и културното наследство, формирана од Владата.

Справувањето со дивоградбите на подрачјето на општините Охрид, Струга и Дебрца, кои се опфатени со планот, речиси не е мрднато од мртва точка. Отсуство на владеење на правото, клиентелизам, партизираност на општеството, корупција, изостанок на брз неселективен и сеопфатен одговор на институциите, во согласност со законите, според Бојаџи, се причините за таквата непроменета состојба.

– Главна надлежност за проблемот има градежната инспекција на општината и на јавниот правобранител, задолжен да води грижа за имотот во сопственост на РСМ – вели Бојаџи.

Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), смета дека не само што не се уриваат дивоградби, туку е запрено и усогласувањето со урбанистичките планови.

– Дозволи за градби се издаваа во старото градско јадро, без притоа да се почитуваат амбиенталните и урбанистичко архитектонските параметри, така што не би ме зачудило да влеземе во листата на загрозеното наследство – вели Петровска, која направи увид во состојбата кај месноста Далјан. Оттаму на социјалните мрежи беа објавени снимки за уништување на крајбрежниот појас на езерото, но и за тој, како и за многуте други документирани случаи, уште нема епилог.

Состојбата во која се наоѓа Охрид е резултат на една неодговорна ноншалантност на институциите и на бизнис-интересите на поединци во нив, смета и Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и претседателка на ДОМ.

Копија од лична карта и уривањето одложено

Поради ова, екологистите од „Охрид СОС“ ги обвинија властите дека немаат никаква волја нити вистински интерес да се справат со предизвиците кои произлегоа од препораките на Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

– Ние, како НП Галичица, постојано пријавуваме случаи на дивоградби и на узурпација на државно земјиште, бидејќи најмногу имаме увид во состојбите. Најчест одговор на надлежните е дека не се надлежни. Кога ќе се обратевме на општинскиот инспектор, ќе добиевме одговор дека е надлежен државниот, кога ќе се обратевме до државниот, добивавме одговор дека е надлежен општинскиот инспектор – вели Бојаџи.

Според Бојаџи, најчест одговор од општинскиот инспекторат за некој објект или доградба е дека отпочнала постапката за легализација, а за да се отпочне таква постапка, доволно е да се поднесе барање со фотокопија од лична карта.

– Успеавме, сепак, да ги стопираме измените на Планот за управување со НП Галичица, кои беа во планот на Владата од 2011 до 2019 година, а тоа е изградба на ски-центар, туристичко-развојните зони Љубаништа 1 и 2 и експресниот пат Охрид – Свети Наум – вели Бојаџи.

Георгиески: Нема да биде трагедија и ако се најдеме на листата на загрозени подрачја

„Доколку Охрид се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО, нема да биде национална трагедија, бидејќи нема да биде избришан, туку ќе треба забрзано да се работи на имплементирање на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески. Ставањето на Листата на загрозено светско наследство му овозможува на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на загрозеното место даде му даде итна помош од Фондот за светско наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот