Одговор на неправдата

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Мора да се воздржиме од омраза и гнев кон сите овие категории, колку и да ни се чини дека ги „заслужиле“. Мора да се потсетиме на спасителните зборови на Христа Распнатиот, кој рече не само да им простуваме, туку да ги сакаме и да се молиме за тие што ни нанесуваат неправда, не измачуваат или прогонуваат.

Во овие моменти на премреже и искушение за сите нас, кога нашата земја е соочена со уште една во низата пречки и можни понижувања, најважно е да се обидеме да не дозволиме омразата и гневот да се вовлечат во нашите души и срца.

Ниту кон бугарскиот народ, кој наводно, според анкетите, масовно ја поддржува оваа политика кон Македонија и Македонците. Затоа што тој народ, кој лесно може да ни биде братски и пријателски, во минатото бил изложен на такво образование, а во сегашноста на таква државна пропаганда, што оваа политика му се чини единствено исправна и оправдана. (Со почит кон ретките исклучоци, првенци на духот, кои го презреле национализмот и се издигнале над заблудите на својот национален „наратив“.)

Ниту кон бугарските политичари, дури и најекстремните, кои со своите изјави секојдневно не повредуваат и навредуваат. Тие само се обидуваат да бидат „добри бугарски патриоти“ или барем да не дојдат во судир со популизмот во својата земја, да не ја изгубат поддршката од своите гласачи. (Исто така, со почит кон политичарите исклучоци, кои вршат невиден подвиг обидувајќи се да ја пренасочат реката на бугарскиот национализам, или барем да пливаат наспроти неа).

Ниту кон Европската Унија и нејзините политичари, кои толку пати нè изневерија и нè разочараа – тие само се обидуваат „прагматично“ да решат еден „спор“, по линијата на помал отпор, а во отсуство на подлабока визија за правилното и правичното. Спремни да ги заобиколат или да ги извитоперат принципите што само привидно ги застапуваат, а всушност се приврзаници на макијавелистичката божемна „реал политика“ каде што се вреднува правото на посилниот, а не силата на правото.

И конечно, кон македонските политичари, какви и да се, кои не можат да се справат со комплицираната ситуација, која им е оставена на товар од уште покомплицираното минато на овие простори.

Мора да се воздржиме од омраза и гнев кон сите овие категории, колку и да ни се чини дека ги „заслужиле“. Мора да се потсетиме на спасителните зборови на Христа Распнатиот, кој рече не само да им простуваме, туку да ги сакаме и да се молиме за тие што ни нанесуваат неправда, нè измачуваат или нè прогонуваат. Само така ќе придонесете кон зачувување на душата на овој народ, соочена со опасност да потоне во гнев, жолч, резигнација. Тоа во овој момент е задачата на секој македонски Родољуб, тоа е патот кон излезот од историскиот ќорсокак, патот на неомразата, разбирањето и љубовта кон непријателите. Тоа е задача на секој самосвесен поединец – да ѝ каже не на омразата! Зашто омразата, во крајна линија, го уништува тој во кого се населила!

Сосема е споредно дали ќе го прифатиме или не „предлогот“ на Франција. И во едниот и во другиот случај ќе бидеме изложени на неправда и страдание. Ако не го прифати Бугарија, нема потреба ниту да се изјасниме за тој предлог. Многу поважно е да го разбереме и прифатиме и колку што е можно поопстојно да го примениме овој Христов Предлог за тоа што е вистинскиот ОДГОВОР НА НЕПРАВДАТА.

Не е лесно, знам, тоа чувство доаѓа инстинктивно и природно, но тука на сцена треба да стапи волјата. Волја под диктат на свеста дека злото раѓа зло, омразата раѓа нова омраза и ѝ помага да победи, да преовладее. Омраза меѓу народи лесно се разгорува, но за среќа лесно и се гасне. Во поволна политичка клима многу се менуваат работите. Еве пример, односите со Турција ни се добри. Замислете да избие некоја кавга и секој ден да зборуваме што ни правеле пет века, какви зулуми се случувале, какви набивања на колци и слични стравотии и бла, бла. Ќе се разбудат прастари анимозитети. А видиш, сега ги нема. Или, друг пример, Србија. Се реши спорот со црквата и оп, најпозитивни чувства кон соседите! Во случај на спор за нешто ќе се ископаат илјада трауматични сеќавања, злостори, асимилација, па ќе се сети некој на Карнегиевиот извештај… Крај нема! Дали некој забележува дека нетрпеливоста кон Грците спласнува? Нема актуелен спор, нема гориво за омраза. Така може да биде како со рака избришан и овој спор со Бугарија ако не постоеше од некаде и од некого политичка волја и интерес да го разгори во овој момент. Да ги прашаше некој пред пет години обичните Бугари дали треба да ја блокираме Македонија за во ЕУ ќе му се изначуделе, уверен сум. Некој им го сервираше тоа и ги распали и сега духот на злото, излезен од шишето, само се шири, а има само еден начин да се врати назад, опишан погоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот