Одат во „војна“ против Брисел и Вашингтон, а блокираат сообраќајници со двајца без тројца

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

ВМРО-ДПМНЕ има многу голем проблем. За среќа, колку и да се трудат, проблемот не успева да се излее од нивното заматено партиско корито. Сепак, Мицкоски мора да се одлучи, дали не спие поради Заев или поради Брисел и Вашингтон.

Ако е нејзин гласот на снимките што се објавуваат деновиве, Јелена Жугиќ ја одигрува својата животна улога. Таа и нејзината партија не се борат против Заев, туку против Брисел и Вашингтон. И потврдува дека тоа што го говори на снимките се мисли и ставови на нејзиниот претседател, Мицкоски кој, ако си замине, сите ќе заминат, а партијата ќе им ја преземат криминалци. „Ни го осудија Груевски за мерцедесот…“ – вели таа, растреперена, возбудена, патетична… Нема потреба да се аргументира посебно, доволно е само да се преслуша снимката, за да се сфати дека ВМРО-ДПМНЕ има голем проблем. Многу голем проблем. За среќа, колку и да се трудат, проблемот не успева да се излее од нивното заматено партиско корито. Сепак, Мицкоски мора да се одлучи, дали не спие поради Заев или поради Брисел и Вашингтон.

Овие „патриотски“ говори се објавуваат во „вистинско време“. По извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден, со која националистите и криминалците во политиката се соочуваат со санкции поради негирањето и попречувањето на имплементацијата на важни договори како Преспанскиот, Охридскиот и Дејтонскиот, се јавија политичарите со најголема мува на капата. Националистичките и ултрадесничарски партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, не чекаа објавување на листата, туку веднаш се „кандидираа“ за високо место на „црната листа“ на САД.

Но, колку и да се трудат да звучат убедливо, во сета патетика на вечното мрачно и неразбрано однесување, на радикалите не им поаѓа од рака да мобилизираат ниту приближно сериозна бројка. Но, тие сеедно продолжија со малтретирање на јавноста со блокади на сообраќајниците од 15 до 17 часот и со неуморна продукција на деструктивни пораки во јавната комуникација. Ниту најблиските и најверните членови на партијата не се појавуваат на блокадите тогаш кога му се најпотребни на Мицкоски, ама само на Мицкоски, бидејќи тој е веќе прочитан и напуштен и од најнаивните. Добро забележа еден Фејсбук шегаџија дека пред пекарата „Силбо“ постојано има многу повеќе луѓе, отколку што можат десничарите да соберат на протестите и блокадите.

Непримерно и грубо, без ни малку совест и одговорност, без аргументи и оправдување за блокадите, по неколку луѓе држат во заложништво цели градови во најфреквентниот дел од денот. Не беше така одамна, кога илјадници луѓе од сите заедници, од сите возрасти, со различни политички убедувања, протестираа секој ден во 18 часот, откако ќе заминат луѓето од работа. Само тоа ли е разликата? Времето на протестот и блокадите? Не. Илјадниците луѓе се бореа против режим, бараа правда, слобода и еднаквост.

Овие не ги напуштаат своите позиции со кои ја осиромашија и ја изолираа земјата, го угнетуваа сопствениот народ, тепаа и затвораа невини луѓе, хушкаа на војна, дивееја како да ќе владеат илјада години. Кога ќе погледне човек каде беа и каде се сега, штетата што ја прават сега е и незначителна. Нека блокираат. Нека даваат пример за тоа како не треба да се води политика и да се третира сопствената земја и сопствените сограѓанки и сограѓани.

Сево ова има и една забавна нота. Одат во „војна“ против Брисел и Вашингтон, а блокираат сообраќајници со еден грст луѓе и автомобили. Зарем ги заборавија клупите од парковите?

Преземено од Цивил Медиа

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот