Од каде ѝ се на Хамас ракетите?

Техеран негира вооружување на палестински милитантни групи, а многумина ширум светот веруваат дека без иранско оружје и финансиска помош, не може да има напад врз израелските градови од Газа

Кога Хамас на 11 мај ги започна нападите врз Тел Авив и другите места во Израел со ракети од Појасот Газа, јавноста во светот со право праша од каде им е на овие палестински милитанти толку моќно оружје? Прашањето е уште пологично кога се знае дека Хамас продолжува да работи надвор од рамките на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), чијшто статус на „единствен легитимен претставник на палестинскиот народ“ не го признава и се спротивставува на мировниот договор, тврдејќи дека преговорите со Израел не водат никаде доколку не се поддржани со сила.

Хамас се залага за воено поразување на Израел, за воспоставување палестинска држава заснована врз исламски принципи и за борба за арапско и исламско единство. Таквата опција е поддржана и од Палестинскиот исламски џихад (ПИЈ), но Израел е моќна земја која не се согласува со нивните желби и порачува: „Ако сакате војна – ќе ја имате!“. Таквата војна, поради диспропорцијата во вооруженоста, е асиметрична.

Хамас ги цели израелските градови со ракетите „Бадр-3“ произведени во Иран, кои првпат се појавија на бојното поле на Блискиот Исток во април 2019 година. Нив ги користеа и Хутитите, поддржани од Иран, за време на борбите во Јемен. „Бадр-3“ носи експлозивна боева глава тешка 250 кг и има дострел повеќе од 160 километри. Ракетата експлодира во радиус од 20 метри од целта и ослободува „дожд“ од 1.400 шрапнели. ПИЈ беше првата терористичка организација што ја искористи оваа иранска ракета против Израел во 2019 година. Хамас и ПИЈ долго време добиваа ракети и друго оружје шверцувано од Иран, преку море или преку копно, преку границата помеѓу Појасот Газа и Египет. Сепак, веќе неколку години, според извори на израелските разузнувачки служби, овие терористички групи го користат иранското искуство за да ги развиваат своите верзии на ракетите.

Ракетата „Касам“, истрелана од Хамас, е едноставен и евтин проектил направен во Газа и се состои од метално буре исполнето со експлозив, а на почетокот на 2001 година имаше опсег од три до четири километри. Во меѓувреме, има подобрена верзија што може да помине повеќе од 100 километри. Цената на една од овие ракети е околу 500 евра, бидејќи за производство се користат вештачко ѓубриво, експлозиви и други пригодни материјали.

Израелскиот противвоздушен систем „Железна купола“, пак, се користи од 2011 година и е дизајниран да пресретнува ракети испукани од Појасот Газа, но е помалку ефикасен кај ракетите исфрлени од оддалеченост помала од три километри, заради кусото време за реакција.

Очигледно, Иран стана доминантен снабдувач на оружје за Хамас и ПИЈ во последните 15 години. Главната шверцерска рута оди од Иран до Судан, понатаму кон Египет и Синајскиот Полуостров, а потоа до Појасот Газа. Испораките вклучувале ракети, топови со долг дострел, минофрлачки и противтенковски ракети, тони стандарден експлозив и суровини за производство на експлозиви. Сепак, официјален Техеран категорично ги отфрли обвинувањата за шверц на оружје во Појасот Газа, нарекувајќи ги лажни информации од „кујната“ на Мосад. Иран вели дека нивната „поддршка за народот на Палестина е од морален, хуманитарен и политички карактер“.

Колку Техеран и да го негира вооружувањето на палестинските терористички групи, многу воени аналитичари во светот сметаат дека без иранска финансиска и воена помош, Хамас и ПИЈ не можат да го нападнат Израел со илјадници ракети. Како и нивните покровители во Техеран, овие милитантни организации не го признаваат правото на постоење на Израел и се залагаат за негово уништување. Во минатото, Иран го користеше својот либански сојузник Хезболах за да го нападне Израел, а сега има свои палестински партнери да ја постигнат нивната цел – елиминирање на Израел и убивање Евреи.

Се чини дека ова не е само војна помеѓу Израел и палестинските терористички групи, туку војна што ја води Иран против Израел, но Тел Авив има можност да води војна на копно, во Појасот Газа, а во тој случај Хамас е воено инфериорен.

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот