Обвинителството да испита како Палчо можел да му даде писмо на Кешишев во затворско комбе, бара адвокатот
Обвинетиот Влатко Кешишев кој на минатото рочиште достави пишана изјава до судот дека првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо не бил на местата на убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски излезе со ново тврдење.
Препорачано
На крајот од судското рочиште ја повлече изјавата и кажа дека токму Палчо му ја дал додека ги транспортирале од затвор во суд и го принудил да ја ја предаде на Судот.
-Изјавата не е моја, ја дадов од страв, рече Кешишев.
Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека обвинетиот ја повлекува изјавата.
-Со оглед дека претходно беше доставена некаква наводна изјава од обвинетиот Влатко Кешишев, истиот наведе дека два пати бил транспортиран од затворот до судот и назад со првообвинетиот и при тој транспорт му било дадено ливче. Од него било побарано истото да го препише, да стави свој потпис и да го пушти до Судот. Истиот појасни дека чувствувал страв од првообвинетиот ја повлекува таа изјава, изјави Ефремов.
Според него, оваа изјава треба да ја испита Обвинителството.
-Дополнително сметам дека дадената ваква изјава поднесена од обвинетиот е предмет можеби и за Обвинителството. Треба истите да ги испитаат ваквите постапки и сомнежи и натаму да постапуваат како мислат, додаде Ефремов.
На прашањето дали го има обвинетиот оригиналното ливче што може да го достави и да го поткрепи своето тврдење дека му било дадено, тој одговори : „Тоа ќе го оставам доколку Обвинителството смета да отвори истрага, тоа оставам на Обвинителството да го открие“.
Кога Кешишев ова го кажа пред судот, Палевски немаше никаков коментар, а еден од сведоците претходно тврдеше дека токму Кешишев имал поданички однос кон Палчо.
Судијата Ивица Стефановски побара транспортот на обвинетите да се одвива во четири комбиња односно обвинетите да се транспортираат одделено.
Директорот на затворот во Шутка, Бобан Утковски вели дека обвинетите се транспортираат одделно со четири комбиња, освен ако имало недостаток на комбиња. Тој тврди дека разговарал со полициските службеници кои ги спроведувале двајцата обвинети и му кажале дека предавање на писмо-немало.
-Протоколот на транспортот е таков, или позади во возилото да има полициски службеник со обвинетите, или да има вклучено камера во текот на транспортот. Меѓу првиот и вториот пат кога е вршен транспорт, извршен е преглед на ќелиите на четворица од обвинетите и не се пронајдени ниту писмо, ниту мобилни телефони, рече Утковски за „Слободен печат“.
Немало предавање на писмо при транспортот на Палевски и Кешишев, тврди директорот на Шутка
Обвинителките кои го водат случајот пред рочиштето излегоа со изјава за медиумите во која велат дека изјавата на Кешишев нема доказна вредност.
-Изјавата на обвинетиот Кешишев во оваа фаза на постапката нема доказна вредност од причина што согласно одредбите од Законот за кривична постапка и тој и сите други обвинети на крајот од постапката ќе дадат свој исказ кој ќе биде подложен на испитување, како од обвинителството така и од одбраната – изјави Ана Стојковиќ-Димитровска.
Пред неа изјава даде и обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска која го застапува обвинението и рече дека Основното јавно обвинителство Скопје има доволно цврсти докази со кои ќе го докаже она што им се става на товар на обвинетите.
-По изведувањето на вербалните следува изведувањето на материјалните докази со што ќе се доразјаснат одредени околности кои во јавноста оставаат прашалници, рече таа.
На прашањето дали имаат материјални докази дека Палчо е сторител на убиството, Крстевска одговори: „Имаме, располагаме со доволно докази”.
На судското рочиште сведочеа двајца полицајци од интервентната полиција кои рекоа дека до местото кајшто бил закопан велешанецот Панче Жежовски, ги однел обвинетиот Велибор Манев.
– Кога стигнавме рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки. Патот беше каллив, непрооден, имаше многу дупки, се движевме пешки – рече сведокот.
Потоа Манев го презеле полицајците од СВР Велес и по 15-20 минути го вратиле Манев во Кисела Вода.
Вработен во Безбеден град сведочеше како на камерите пребарувале за двете возила кои биле употребени при убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Тој тврди дека камерата во Чаир го снимила добро возачот на „рено кангу“, дека се гледа лик со седа коса и со брадичка.
Тој кажа дека ова лице, според него личело на првообвинетиот, Љупчо Палевски – Палчо.
На следното судско рочиште треба да сведочи, Гоце Трајковски, синот на Кираца Трајковска која во исказ пред судот тврдеше дека токму таа ги поврзала исчезнувањето на Панче со исчезнувањето на малолетната Вања.
На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.


