Обрнете внимание: Пет најчести грешки кога се похува месо

Кога похувате месо, никогаш не ставајте други зачини освен сол. Доколку ставите, на пример, мешан сув зеленчук, во процесот на термичката обработка на месото постои можност зачинот да изгори и месото да добие горчлив вкус.

Нема ништо повкусно од похувано месо што сте го подготвиле дома за ручек. Сепак, многу луѓе додека го подготвуваат месото, прават неколку грешки, поради кои вкусот на месото целосно се менува, а наместо да добиете сочни парчиња месо, ќе добиете суви или полуизгорени залчиња кои никој нема да сака да ги јаде.

Според кулинарските експерти, ова се петте најчести грешки што се случуваат кога подготвувате похувано месо.

Внимавајте на дебелината на месото

Поголемите парчиња месо бараат подолго време термички да се обработат, споредбено со помалите парчиња месо. Токму затоа треба да избегнуваме да похуваме дебели парчиња, а наместо тоа секогаш да се обидуваме парчињата да не бидат подебели од пет милиметри. Покрај тоа, важно е да знаете и дека, доколку сакате да подготвувате похувани пилешки батачиња, на пример, во никој случај не треба да ги пржите пред да ги обарите барем неколку минути претходно. Доколку се обидете да похувате свежи и необработени термички пилешки батачиња, со процесот на нивно похување, нема да можете целосно да ги испржите, па на крај ќе добиете убаво похувани батачиња од надворешната страна, а внатрешниот дел на батачето ќе остане жив.

Исто така, важно е да се напомене и дека, никогаш не похувајте различни видови меса во едно исто тавче како и фактот што различните видови месо не треба термички да ги обработувате со идентично време. На различните видови месо, потребно им е различно време за да успее нивната подготовка.

Во спротивно, едно од парчињата месо ќе ви биде пресушено (најчесто пилешкото бело месо), а останатите видови, како што е на пример свинското, ќе остане полуживо и нема да биде вкусно за јадење.

Секогаш користете чекан за месо

Парчињата месо никогаш нема да бидат доволно вкусни доколку претходно не ги обработите убаво до степен на омекнување. Најлесен и најдостапен начин да го направите тоа е со помош на чекан за месо. Затоа, без разлика на тоа колку дебело сте ги исекле парчињата месо, задолжително обидете се да ги направите што е можно потенки, а потоа да ги ставите во тава и убаво да ги похувате. Затоа, набавете си дрвена штица и готварски чекан и почнете со подготовката на месото. Сепак, внимавајте со кој интензитет го удирате. Доколку силно удирате, можете да го испокинете месото и на тој начин да не добиете квалитетно парче. Затоа удирајте со ист интензитет по парчето неколку минути, а кога ќе добиете рамна површина на убаво истенченото месо, ставете го да се похува, но само по 2 до 3 минути од двете страни.

Се обидувате да похувате месо што штотуку сте го извадиле од фрижидер?

Доколку замрзнато и сè уште водено месо се обидувате да го похувате, во тој случај нема да ги добиете очекуваните резултати, а крајниот резултат ќе биде разочарувачки. Покрај тоа, најверојатно и досега сте знаеле, но за потсетување, доколку ставите вода во загреано масло, можете да се изгорите, а како втора несакана појава е фактот што целата работна површина на која ја подготвувате храната ќе ви се испрска, по што ќе мора да издвоите значително време за нејзино чистење.

Затоа, пред да го похувате месото што претходно ви било во замрзнувач, обидете се убаво да го одмрзнете, а потоа со помош на кујнски бришач да се обидете убаво да ги впиете сите течности што се наоѓаат на површината на месото.

Кога ќе го направите тоа, исечкајте го месото на ленти, исчукајте го со чекан, а потоа ставете го првин во обично брашно, па во изматени јајца и на крај во лебни трошки. Дури тогаш месото е подготвено за похување.

Не штедете на лебни трошки

За да имате убаво и крцкаво сочно месо, секогаш треба да ставите поголемо количество лебни трошки. Кога процесот на подготовката на месото е завршен, количината на обичното брашно во кое ќе ги валкате можете да го сведете на минимум, но на јајца и на лебни трошки немојте да штедите доколку сакате да добиете убаво парче месо.

Заборавете на зачините

Кога похувате месо, никогаш не ставајте други зачини освен сол. Доколку ставите, на пример, мешан сув зеленчук, во процесот на термичката обработка на месото, постои можност зачинот да изгори и месото да добие горчлив вкус.

Кога конечно ќе завршите со похувањето на месото, не заборавајте да го ставите на кујнска хартија за да ги впие сите непотребни маснотии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот