Образованието во Бугарија: Плаќаат за да не учат

Училиште Фото: Профимедиа

Околу 40% од бугарските ученици се под критичниот праг во читањето, математиката и природните науки

Зголемувањето на јавната потрошувачка за образованието во Бугарија не доведува до зголемување на резултатите од образованието, покажува обемното истражување објавено од Светска банка за улогата на фискалните трансфери во подобрувањето на резултатите од образованието. Извештајот, долг над 300 страници, се фокусира врз образовните системи во 7 земји, вклучително и Бугарија.

Резултатите на бугарските ученици на големите меѓународни тестови како PISA не се променети во последната деценија, образовниот систем е многу нерамномерен и сегрегиран, со високи концентрации на ученици со ниски образовни резултати во исти „неуспешни“ училишта, а парите доделувани на општините, прераспределени преку делегирани буџети, немаат никаква врска со резултатите што ги постигнуваат учениците.

„Подиректно кажано, се чини дека трошоците за образование не играат никаква улога во резултатите од образованието“, вели за „Капитал“ Асенка Христова, извршен директор на Центарот за образовни истражувања, една од авторите на поглавјето за Бугарија во студијата.

 Непроменети клучни индикатори

Бугарските резултати на тестот PISA, што ја мери функционалната писменост на деветоодделенците, останаа практично непроменети од 2006 година – околу 40% од бугарските ученици се под критичниот праг во читањето, математиката и природните науки. Резултатите од Бугарија во истражувањето PIRLS, коешто ја мери писменоста за читање на четвртоодделенците, покажуваат дека 5% од нив сè уште не научиле да читаат – непроменет индикатор од 2001 година.

Распределбата на податоците на PISA упатува на најголема образовна сегрегација во Европа – учениците со слаб социо-економски профил во земјата обично се концентрирани во истите училишта со лоши перформанси, а учениците со подобар социо-економски профил учат во поинакви, „елитни“ училишта. Според авторите на студијата, 54,7% од варијациите во образовните резултати на учениците во земјата се објаснуваат со разликите помеѓу училиштата во кои учат. Постојат големи разлики помеѓу учениците од градовите и оние од помалите населени места – станува збор за ефективно заостанување на повеќе од три години студии за учениците од помалите населени места.

„Недостатокот на подобрување на клучните индикатори за успешност во образовниот сектор повеќе од една деценија и јасните знаци на големи нееднаквости во системот укажуваат на потреба за преиспитување на механизмите за фискален трансфер во земјата“, се вели во извештајот на Светска банка.

Повеќе средства за најранливите

Од 2007 година училиштата во Бугарија се финансираат според униформен стандард на расходи, утврден од Министерството за образование и наука, по глава на жител, според видот на општината во која се наоѓа училиштето. Средствата ги распределуваат општините до училиштата според строго дефинирани активности. Принципот познат како „парите му следуваат на ученикот“, воведен во 2007 година, што исто така доведе до масовно затворање на училиштата, веќе не е единствената одредница. Над поединечниот стандард за трошоци по ученик со реформите од 2017 година се додаваат дополнителни трансфери врз основа на локалните карактеристики – ранливоста на учениците, малата густина на население и други фактори кои ги зголемуваат трошоците за образование. Со оваа реформа, најсиромашните општини во земјата добиваат најмногу средства по глава на жител. Ова е позитивен фактор, според авторите на извештајот, кој се обидува да ги намали нееднаквостите во финансирањето на училиштата и да ги привлече наставниците на места каде што инаку не би работеле.

Од оваа гледна точка, реформата е успешна. Но, сè уште не е поврзана со подигање на образовниот квалитет.

Без подобри резултати

Преку различни статистички методи, авторите на студијата не наоѓаат докази дека зголемените трошоци за образование во Бугарија доведуваат до зголемени образовни резултати на учениците. Напротив – некои од податоците, на прв поглед, покажуваат обратна зависност: општините што трошат најмногу по ученик, генерираат најниски резултати од националното екстерно оценување по бугарски јазик и математика по 7-мо одделение. Дури и по контролирање на факторите како што се големината на општините, големината на часовите и сиромаштијата кај учениците, податоците од 2018/2019 година не покажуваат никаква поврзаност помеѓу финансирањето и резултатите по бугарски јазик и литература на учениците од седмо одделение.

Голем дел од зголеменото финансирање во бугарското образование од 2017 година е насочено кон покачување на платите на наставниците и нивно одржување над националниот просек. Зголемувањето на платите доведе до зголемување на бројот на бугарски наставници и задржување на постојните наставници во професијата, но тоа не доведува до зголемување на квалитетот на наставата. Извештајот на Светска банка заклучува дека финансиските стимулации за наставниците не се во согласност со ниту една веродостојна мерка за постигањата на учениците.

Истото тоа се однесува и на другите учесници во системот – министри, инспектори за образование, градоначалници, општински тимови за образование, директори на училишта. Општините, на пример, се надлежни за скоро сите училишта за општо образование во земјата и мораат да обезбедат пристап и учество во образованието, но во голема мерка се ограничени само на прераспределба на централно делегираните буџети строго дефинирани од МОН за активности што не ги вклучуваат образовните резултати како елемент. Општините можат да даваат средства и од своите ограничени буџети, но во практиката 98% од средствата за училиштата за општо образование доаѓаат од владата или од европските програми, се вели во извештајот. Така, децентрализацијата во однос на образованието е прилично формална и административна.

Мерење додадена вредност

Извештајот на Светска банка го наведува како успешен пример бразилскиот регион Кеара, каде што се спроведени финансиски реформи со фокус врз квалитетот. Кеара ги наградува како училиштата со високи резултати, така и училиштата со незадоволителни перформанси, кои, сепак, покажуваат зголемување на нивните клучни индикатори за одреден временски период. Сличен пристап треба да се примени и во Бугарија, но за оваа цел мора да бидеме во можност да ја измериме додадената вредност на образованието.

Тука доаѓа и другата клучна реформа – да се создадат алатки за следење на квалитетот и додадената вредност на системот како дел од поголема интегрирана, конзистентна и сигурна рамка за проценка и следење на она што учениците (не) го учат. Националните екстерни евалуации и матурските испити не ја исполнуваат оваа улога, барем затоа што не се споредливи од година во година, ниту е јасно за што се насочени и не можат да се користат како основа за креирање политики. „Немаме систем за оценување на квалитетот што следи сигурни индикатори за квалитет поврзани со резултатите од образованието, кои не се само проценка од еден испит во една образовна фаза“, објаснува Асенка Христова.

Потребата од промена на стимулациите за финансирање не е целосно непозната за бугарскиот образовен систем. Но, мора да се воспостави систем за проценка на квалитетот – што се препораки и од извештајот на Светска банка. Ќе бидат потребни 6-12 месеци за да се изгради систем за оценување на квалитетот за тоа како училиштето им помага на учениците да напредуваат во своето образование.

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот