Објавен е новиот роман „Смртта не е крај“ на Владо Јаневски

Неодамна од печат излезе новиот роман на Владо Јаневски, „Смртта не е крај“, во издание на „Арс Ламина“, Скопје. Ова е негов петти роман.

Во претходниот, „Мртвите знаат најдобро“, добитник на наградата „Пегаз“, главниот лик, платениот убиец со уметнички аспирации, Фуриозо, живее и делува во Јапонија. Во „Смртта не е крај“ дејството се префрла во Австралија, каде што Фуриозо тргнува на долг пат на себеспознавање и разбирање на постоењето. Првите чекори на тој пат ги прави со неговите нови пријатели Пикасо и Шагал, кои го следат и разговараат со него или размислуваат гласно додека Фуриозо се обидува да започне нов живот. Како и во претходниот роман и овде реалноста и фантазијата се испреплетени низ многубројни изненадувања и интересни ликови.

Владо Јаневски е писател, сликар, илустратор, стрип-уметник, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Роден е во Македонија, каде завршил високо образование на Универзитетот во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија.

Досега ги објави романите „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Магор“ / „Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), како и збирката наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985).

Застапен е во книгата современи бајки „Детелинки-белинки“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), како и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, Скопје, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, Скопје, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, Скопје, 2021).

Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 за сценариото „Под друга капа“ и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија за 2020 година, за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 145, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот