Ново гол шоу на Лидс, први минути во Премиер лигата за Алиоски
На двата натпревари на Лидс во Премиер лигата се постигнати неверојатни 14 гола и резултатот е идентичен на двете средби.
По поразот на стартот од сезоната со 4:3 од актуелниот шампион, Лидс во второто коло повторно им приреди гол шоу на своите навивачи и овој пат тие славеа со идентичен резултат.
Лидс на „Иланд Роуд“ во дуелот со Фулам славеше со 4:3, а на овој натпревар конечно шанса да заигра во Премиер лигата доби македонскиот репрезентативец, Езгјан Алиоски.
Алиоски не беше дел од првиот тим на Лидс, а во игра влезе во 70. минута на местото на Патрик Бамфорд.
Домашниот тим поведе веќе во петтата минута со голот на Елдер Кошта, а Фулам израмни во 34. минута преку Александар Митровиќ преку пенал.
Полувремето заврши со водство на Лидс откако Клих во 41. минута го реализира пеналот.
Во второто полувреме, Лидс за седум минути постигна два гола преку Бамфорд и Кошта со што победата изгледаше како завршена работа. Неизвесноста на натпреварот ја вратија Рид и Митровиќ со головите во 62. и 67. минута, но на крајот на победата се радуваше Лидс.
И на првиот денешен натпревар од Премиер лигата фудбалерите беа расположени да давање голови и беа постигнати седум гола.
Евертон со 5:2 го совлада Вест Бромвич Албион, а натпреварот го одбележаа хет-трикот на Доминик Калверт-Луин и првиот гол во Премиер лигата на Хамес Родригез.