Новиот светски поредок: нелојална коалиција

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во геостратегиската трка за тронот во новиот светски поредок се Русија, Кина и Иран како највлијателни предизвикувачи на либералната доминација предводена од САД и колективните проекти НАТО и ЕУ како дел од проектот за колективна безбедност со унилатерална доминација. Либералниот свет покажува како мудро се пресекуваат изворите што се критични потхранувачи на режимите, со цел да се задуши изворот што ги воздигна.

Како што најавивме, во оваа дебата ќе се осврнеме на таборот на предизвикувачите во геостратегиската трка за тронот во новиот светски поредок. Тоа се Русија, Кина и Иран како највлијателни предизвикувачи на либералната доминација предводена од САД и колективните проекти НАТО и ЕУ како дел од проектот за колективна безбедност со унилатерална доминација. Во таа насока, како што во минатиот број се посветивме на слабостите што постојат во либералниот свет особено околу единството, би рекле дека од спротивната перспектива, онаа либералната, речиси и да не може да се зборува за единство кај авторитарните предизвикувачи.

Критиките што се обидуваат да го разберат овој виртуелен сојуз најмногу се фокусираат врз разликите во културата. Дел одат и понатаму подвлекувајќи дека станува збор за различни идеологии кои, иако се авторитарни, имаат сосема поинаков пристап кон вредносните системи, имаат различна религиска гравитација, различни цели, но и различни непријатели. Конечно, Кина и Русија пред сè, ова е помалку важно за Иран, иако на свој начин ги искористија придобивките од либералниот пазар и светот на правила и принципи доминиран од либералните лидери, имаат различна архитектура, која е дизајнирана за лични интереси, без разлика на наративот за „вин-вин“ или за заедничко добро за сите.

Од друга страна, една од најголемите критики на оваа нова оска, како што некои лути критичари ја гледаат, се фејк продуктите што ги нудат покриени под превезот на манипулативната пропаганда, која ја пласираат. Со оглед на тоа што рековме дека анализата, за да биде соодветна, ќе ја направиме во контекст на војната во Украина, сите овие параметри (иако има и други) ќе ги анализираме во тој контекст. За „мудрувањето“ кое очекувано ќе следува од оние што нема да се согласат со овие ставови (и што, за волја на вистината, е добро за јавната реч и дебата) ова можеби и е најбитната реченица што треба да ја земат предвид пред да беседат со „општи бројки во дебата што бара прецизност до трета, ако не и до четврта децимала“. Да тргнеме по ред.

Во клучната битка што се води за Украина, оската засега е во слободен пад. Првичните планови за брза победа, за инсталација на режим по мерка на Русија и за пркос на Западот со сила, пропаднаа. Следуваше редефинирање на целите со други офанзиви и со фокус на нова крајна цел. Митот за руската моќ, според критичарите, издиша како балон. На виделина излегоа сите слабости од катастрофалното командување, проблеми со комуникациите, логистиката, чудната доктрина и тактика на терен, па сè до сериозни проблеми со борбените системи што требаше да бидат закана за западната воена моќ. Европа покажа дека може да биде солидарна и дека преку различноста и различните ставови да стане посилна. Критиките подвлекуваат и дека Украина е новата гробница за Русија, по која како што се распадна СССР после Авганистан, Руската Федерација ќе биде минато. „Денацификацијата“ на Украина засега не оди по планот, а Западот покажа дека е способен бргу да најде алтернатива за наводната неизбежна зависност од руските енергенси.

Истото се случува и со кинеската технолошка доминација. Економските санкции (иако не до крај) во комбинација со останатите инструменти на моќ етапно ја изолираат оската и втурнуваат кон неизбежна коалиција, ама од затворен вид. Тоа значи дека тие сега треба да се свртат едни кон други, што иако во прв момент може да биде решение на средни и долгорочни планови според анализите на критичарите може да е кобно, најмногу поради еднообразноста и различните интерпретации и пристапи кон ист проблем.

Последното оди на конто на разликите што ги посочивме. Сите тројца јавачи на оската предизвикувачи имаат различни вредносни системи. Од псевдоиндивидуализам во Русија (каде што олигарсите се сметаат за надмена класа и со презир гледаат кон пониските од нив, па дури и кон оние кои ги гледаат за сојузници или тврдат дека им се тоа) до колективизмот во Кина кој е различен од догматизмот во Иран. Во сите три режими лојалноста кон системот е императив и тука можеби е и клучот на ранливоста на оската. Во Русија таа е присутна додека е присутен Путин. После него прашање е што ќе следува (што, за волја на вистината, е прашање и за светскиот мир, но за тоа во друга пригода). Во Кина овој детерминизам е лажен. Кси, кој и самиот е дете на родители што страдале од партијата и биле прогонети поради неговиот татко, израснал во лидер што сее страв затоа што му се може додека му се може. Ако во Втората светска војна неспоредливо мал број Руси станале соработници со нацистите, кај Кина приказната е поинаква. Речиси повеќе од еден милион Кинези биле колаборационисти со Јапонија. Поентата е дека Кина има традиција каде што масите поради незадоволството од пресијата на владејачката класа се склони кон соединување со силите што надвладуваат.

Во практика, не одете подалеку, сетете се на парадата на Пелоси минатата година кога целата таа моќ што Кина требаше да ја испорача се стопи за миг. Кина мораше да го собере стомакот да го запре здивот и да чека Пелоси да се слика, да покаже кој е газда во регионот, па да почне со воените вежби. Според критичарите, само два носачи на авиони на САД, кои беа во близина, беа доволни да ја одвратат Кина од каков било потег. Анализите за теренот околу Тајван, како и за тоа дека досега кинеската воена моќ не била тестирана никаде во практика, се дополнителен аргумент што оди против контото на предизвикувачите. Дополнително, Украина според овие ставови, ѝ направи поголем проблем на Кина одошто услуга. Сега фокусот за одбрана на Тајван, јакнењето на коалицијата во регионот против Кина предводена од САД и секако милитаризација на Јапонија – историски „були“ на Кина, речиси немаше да се случат ако не беше Украина. Според други пак, Украина ги попречи плановите за пиететно освојување на Тајван со револуција однатре, бидејќи го подигна алармот кај сојузниците за опасноста од Кина, но и го засили моралот на Тајван за истрајност против потенцијалниот агресор.

Иран сам по себе има сериозен проблем поради различните етникуми, но и поради внатрешната револуција која почнува да ги кине „шевовите на тиранијата“. Дури и детерминизмот е различен. Иран, кој требаше да биде регионален хегемон, е полн со слабости, кои во посериозна смисла го тресат уште од 2010 година. По нападот „стакснет“ врз нуклеарната програма и враќањето на истата декади назад, Иран го тресат само скандали. Внатрешната револуција за правата на жените, која странично го обедини светот и го засили либералниот аргумент против режимот, е критична ранливост за режимот во Иран. Конечно, улогата на регионалните ривали или бунтовници против нивната регионална хегемонија на секој од овие режими е сериозен параметар, кој треба да се земе предвид во играта во која се впуштија.
Сите овие мали предизвикувачи на регионалните авторитарни хегемони имаат кредит во либералниот свет предводен од САД, кој досега ревносно покажа дека, кога е во прашање егзистенционалната битка со предизвикувачите, либералните вредности може да се погазат. Понижувањата на Иран од страна на Израел од Осирак во 1981 година, преку Стукснет нападите кулминираа со последната прошетка на израелските натрапници покрај „моќната“, ама заспана противвоздушна одбрана на Иран за време на викендот, парчосувајќи ги воено-индустриските капацитети на Иран. Ставено во контекст на Украина тоа е удар и за Русија поради набавките, било тоа да е синхронизирано или не со Америка.

Од друга страна, јакнењето на Азербејџан, кој од 2016 година е најголем консумент на опрема од Израел и кој маестрално го искористи моментот да си го земе тоа што смета дека е негово од Ерменија, е уште еден доказ дека Русија, не само во лицето на Украина туку и кај другите регионални играчи на Кавказот, го нема главниот збор. Низата скандали од Јужна Америка преку Фиџи и дел од африканските земји кои ја стресоа навидум пиететната економска дипломатија на „Патот на свилата“ на конто на забрзаната диверзификација на зависноста на пазарот и на производството од Кина, со новиот договор кој предвидува нова архитектура во синџирот на снабдување во современите технологии, независно дали се поврзани или не, се уште еден длабок удар (или народски речено, удар зад ридот). Поинаку кажано, според критиките, либералниот свет покажува како мудро се пресекуваат изворите што се критични потхранувачи на режимите со цел да се задуши изворот што ги воздигна. Последното е со цел „кога ќе пукне тапанот“ да се знае кој е кој.

За улогата на Турција, пак, за која Иран е извор на зло и која и покрај критиките за нејзината авторитарност, ќе добие нова пратка на Ф16 авиони, не станува ни збор. Тоа, пак, само по себе ја наметнува улогата на оние неутралните актери во оваа цела компетиција. Тоа се земјите од Голфскиот Залив, јужноамериканските и африканските гиганти, кои може да имаат одлучувачка улога во трката по тронот во новиот светски поредок. Токму ним ќе им се посветиме во следната дебата.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот