Новиот состав на ДКСК стартува со 581 предмет, 34 пристигнале во првата недела од нивниот мандат

Нов состав на ДКСК/Фото: МИА

Полни раце работа ќе има новиот седумчлен состав на Антикорупциската комисија. За нив се оставени вкупно 581 предмет кои ќе ги распределат за решавање во претстојниот период. Најголемиот дел од нив, 547 се преземени од претходниот состав на ДКСК, а додека 34 предмети се пристигнати од 8 февруари кога овој состав започна со работа до 13 февруари.

За бројот на предметите извести претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска пред членовите Цвета Ристовска, Софија Спасова-Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова-Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски кој беше избран за заменик-претседател на ДКСК, согласно одредбата потпретседател на Комисијата да се назначува ротациски на секои шест месеци по азбучен ред на презимето.

Во однос на предметите Димитровска на конститутивната седница нагласи дека од 547-те што ги наследиле од претходниот состав, 481 биле примени до 31 декември 2023 и 401 се однесуваат за имотна состојба, 46 за судир на интереси, 26 за спречување корупција и осум предмети се за антикорупциска проверка на легислатива. Од 1 јануари до 7 февруари 2024 се примени 66 предмети, 2 за имотна состојба, 9 за судир на интереси, 54 за спречување корупција како и еден предмет за антикорупциска проверка на легислативата.

Според Димитровска од предметите кои пристигнале во ДКСК од нивното стапување на функцијата еден е за имотна состојба, три за судир на интереси и 28 за спречување корупција (21 од нив за барање мислење) и два предмета за антикорупциска проверка на легислатива.

Претседателката на ДКСК се осврна и на предизборниот период и обврските на Комисијата за следење на состојбите, но и на политичарите, партиите, функционерите и на институциите во текот на изборната кампања, а во текот на вчерашниот ден Антикорупциска испрати детална листа со забраните утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Изборниот законик.

Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси, ДКСК нема надлежност и не дава мислење по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и на другите државни органи основани согласно Устав и закон – фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата, но граѓаните, невладините организации и медиумите можат да ги пријавуваат конкретните случаи на прекршување на забраните од страна на политичките актери и институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот