ДКСК ги потсети партиите и институциите на законските забрани во изборната кампања: Нема нови вработувања, исплати, темели и други злоупотреби на државни средства и имот

Камен темелник /Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

По распишувањето на претседателските избори на 24 април и на парламентарните избори на 8 мај, Државната комисија за спречување на корупцијата најавува дека будно ќе го следи целиот изборен процес и ќе реагира ако постојат основи за сомневање за прекршување на законите и ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања.

ДКСК ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување доколку забележи прекршување на надлежностите и обврските на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, политичките партии и учесниците во изборната кампања, како и јавноста, уредени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и со Изборниот законик.

ДКСК во предизборието навремено и транспарентно ќе информира за законитоста на користењето и располагањето со буџетските средства и потсетува дека по распишувањето на претседателските и парламентарните избори постои забрана за нови инвестиции и вонредни исплати, забрана за користење противправни и анонимни извори на финансирање за време на избори, злоупотреба на финансирање на политички партии за време на изборна кампања, поткупување на избирачите, а потсети и на роковникот со кој одредени забрани стапуваат на сила.

Во предизборниот период се забранува почеток на изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности – училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори, а не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Политичката партија или кандидатот на изборите не смеат да прибираат и користат средства противправно или од анонимни извори, а имотот во сопственост на државата и на локалната самоуправа како и буџетските средства и средствата од јавни фондови, претпријатија и установи не смеат да се користат за изборна кампања или за финансирање на друга политичка активност.

Поткупот на гласачите при избори и гласање како и давање или ветување подарок или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори, за да гласа или да не гласа или да гласа за определен кандидат е забрането.

Во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборна кампања па до завршувањето на изборот на претседател на Република Северна Македонија, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и изборот на Владата на Република Северна Македонија согласно со резултатите од изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до нивно завршување согласно со резултатите од изборите, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци во изборен период и Министерството две недели по распишување на изборите поднесува предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесувањето на извештајот кој се објавува на веб страницата на Министерството за финансии.

Забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат, во електронска форма на образец пропишан од Државната изборна комисија, објавен на веб страницата. Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица.

Непочитувањето на наведените забрани утврдени со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во член 8-а и член 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон, нагласува ДКСК.

Во изборниот период Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема надлежност и не дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата.

ДКСК во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во Изборниот законик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот