Новиот газда на „Еуроникел“ ќе продолжи со работа и ќе ги задржи вработените?

Комерцијална банка врз основа на свое побарување го продаде „Еуроникел“ на Групацијата „Јилдирим“, глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул.

Интернационалниот гигант „Јилдирим“ е новиот сопственик на „Еуроникел“. Комерцијална банка го продаде овој кавадаречки индустриски капацитет поради побарување од 40 милиони евра. За „Еуроникел“ има стечајно рочиште на 2 април во судот во Кавадарци, а вработените очекуваат абер каква стечајна маса ќе се собере за исплата на 2,1 милион евра за неисплатените плати. Од Комерцијална банка, пак, стигнуваат оптимистички најави дека тие барале сериозен инвеститор што ќе ја продолжи работата и дека на таков ја продале фабриката за преработка на никелова руда.

Игор Ѓерасов од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство вели дека ќе имаат средба со новите сопственици на „Еуроникел“.

– Денес, или утре, ќе имаме состанок со новото раководство за да видиме како ќе се одвиваат таму работите. Неофицијалната најава е дека новиот газда сака да ги задржи сите вработени и што е можно побргу да почне со производството – изјави за „Слободен печат“ Ѓерасов.

Во фабриката имаше околу 740 вработени на кои старите сопственици им должат четири плати. Со тој долг, новиот сопственик нема никаква врска, а работниците очекуваат да си наплатат нешто од стечајната маса, затоа што репроматеријалите и залихите не биле дел од продажбата.

Комерцијална банка конкретизира дека на 22.3.2024 склучиле договори со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холфинг БН“, која е дел од групацијата „Јилдирим груп“, а за продажба на имот стекнат врз основа на ненаплатени побарувања од „Еуроникел индустри“ ДОО с. Возарци, Кавадарци, и „Нова инженеринг“ ДООЕЛ Кавадарци за износ од 31,3 милиони евра и со „Нова рефрактори“ ДОО Пехчево во износ од 8,7 милиони евра (без даноци и давачки).

Групацијата „Јилдирим“ е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е во 1963 година и во моментов работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.

„Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор што ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, Банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“, велат од Комерцијална банка“, соопшти Комерцијална банка.

Во октомври минатата година, тогашниот сопственик „Џи сол“ го напушти кавадаречкиот комбинат. „Еуроникел“ беше најголем потрошувач на електрична енергија и силно го погоди енергетската криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот