Нови услови за пензионирање на маса: Ќе се зголеми ли товарот врз пензискиот фонд?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Изминатиот период во јавноста се отвори прашањето за условите за пензионирање, при што беше најавено дека во пензија нема да може да се оди подоцна од 62 години за жени, односно 64 години за мажи, со исклучоци за дефицитарни кадри, но и оти е можно предвремено одење во пензија, најмногу до пет години од редовниот термин со докуп на стаж и помала пензија.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара освен постојното решение со главен услов возраст и најмалку 15 години стаж, да се земе предвид и можноста да се оди во пензија согласно години на стаж, особено во трудоинтензивните дејности. Прашањето за тоа дали и како ќе бидат променети условите за пензионирање ја отвори и дилемата колку нови пензионери би добила државата и дали тоа нема дополнително да го оптовари Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој за редовни исплати на пензии поради недостиг на сопствени средства постојано се субвенционира од Буџетот на државата. На ова прашање сè уште нема конкретен одговор.

Согласно постојното решение, едно лице може да оствари право на старосна пензија со возраст од 64 години за мажи, 62 години за жени и минимум 15 години пензиски стаж. Во случај на инвалидност, правото на пензија може да се стекне пред навршување 64 години старост за мажи и 62 години за жени и минимум 15 години стаж. Исклучок од ова се лицата кои работат на места кои имаат бенефициран стаж.

Во случај на смрт на осигуреникот, правото на пензија може да се стекне за минимум 5 години осигурување или за најмалку 10 години пензиски стаж. Пензискиот надоместок од доброволната пензиска шема не може да се повлече порано од 10 години пред достигнување на законската возраст за пензионирање за задолжителниот систем (54 години старост за мажи, 52 години старост за жени), со исклучок на инвалидност или смрт.

ССМ бара повеќе услови за пензионирање, Владата допрва ќе одлучува

ССМ предлага воведување на повеќе услови за пензионирање, но дополнително ќе се разгледува кои од нив ќе бидат земени во предвид, за што веќе имаа средба со премиерот Зоран Заев и економскиот тим од Владата. Синдикатот смета дека работници од различни дејности, кои имаат различна тежина на работа, не може да одат во пензија под исти услови.

Барањата на ССМ се старосна пензија, односно 35 години работен стаж за жени и 40 години работен стаж за мажи, без оглед на возраста. Старосна пензија да се добива по возраст или работен стаж во зависност од дејноста. Доколку се утврдат различни услови за пензионирање, условите ќе бидат избор на работниците, а не задолжителни, односно работникот ќе одлучи под кои услови ќе сака да се пензионира, сметаат од ССМ.

Синдикатот предлага да се воведе и предвремена старосна пензија, што работниците ќе можат да ја остварат на возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години. Работниците вклучени во оваа група ќе бидат лица кои работат, но поради здравствени причини не можат да продолжат со работа, а не можат да се прогласат за инвалиди, поради стечај или ликвидација или се невработени лица кои го исполнуваат условот од минимум 15 години работен стаж.

ССМ бара од Владата да им се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, односно работници на кои им недостигаат до три години работен стаж од минимални 15 години.

Синдикатот бара и воведување на бенефициран стаж за градежните работници и работници од други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови што влијаат штетно врз животот и здравјето на работниците.

По одржаната средба со ССМ, премиерот Заев истакна дека за задолжителното пензионирање со 62 за жени и 64 години за мажи и можноста за откуп на стажот до пет години, Владата има добра волја, но оти треба да се разработи во кои услови и за кои сектори ќе важи. Со ваквиот закон очекува дека голема група на граѓани ќе заминат во пензија со што ќе се ослободат работни места за младите.

За Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), пак, е прифатлив моделот за предвремено пензионирање, но, предлага старосната граница за пензионирање да биде од минимум три до пет години односно од 59 до 61 година за мажи и од 57 до 59 години за жени.

– Доколку работниците предвремено одат во пензија, процентот ќе им биде намален поради годините од предвремено пензионирање, според процентот на годините на стаж, но штом ја исполнат старосната граница пензионерите да си ја добијат пензијата во полн износ, исто како да ја исполниле старосната граница од 64, односно 62 години, предлагаат од КСС.

Задолжително пензионирање за жени на 62 години и за мажи на 64 години само во јавниот сектор, предлага Димитров

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека се разгледуваат три опции – едната докуп на стаж за лица кои немаат минимум 15 години за да можат да остварат пензија, другата за докуп на стаж за предвремено пензионирање и третата задолжително одење во пензија за лица кои имаат 62 односно 64 години.

Едната можност е луѓето кои немаат 15 години стаж да може да си го докупат за да може да го остварат условот за најмалку 15 години стаж и да одат во пензија, што е хумана работа и во ред е за нас како работодавачи и за синдикатот. Втората работа е она што Владата најави предвремено пензионирање пет години пред исполнувањe на условите за старосна пензија со докуп на стажот. Синдикатот мислеше дека ќе биде по желба на работникот, но тоа е пак со плаќање, односно сам треба го плати стажот за да оди порано. Ова е хумана работа за оние работници кои имаат здравствени проблеми, работат на тешки услови во градежништво, текстилна индустрија, итн. Гледано од хуманата страна на проблемот доволно е работникот да покаже желба и да сака да си ги плати придонесите. Не би било фер тоа ние да го запираме, вели Димитров.

Во врска со задолжителното пензионирање на 62 години за жени и на 64 години а мажи, Димитров истакнува дека треба да се однесува само на јавниот сектор, а во приватниот да има избор.

Во вакви услови во приватниот сектор има недостиг на работници. Би било погубно ако задолжително се оди во пензија. Ако работникот се чувствува здрав и сака да работи и работодавачот, исто така, сака да го задржи, ако и двете страни и работникот и работодавачот се согласни, тој би требало да може да продолжи да работи, вели Димитров.  

Тој додава дека и во развиениот свет, многу луѓе кои исполнуваат право на пензија дополнително работат и многу пензиониери примаат дополнителни приходи на кои им се плаќа само персонален данок, а не плаќаат придонеси. Уште подобро е, потенцира, што на работникот ќе му тече и понатаму стаж и ќе се плаќаат придонесите и помал ќе биде товарот врз пензискиот фонд.

Бројот на пензионери се зголемува секоја година за околу 5.000

На крајот на минатата година во Фондот има регистрирани околу 324.000 корисници на пензии. Според статистичките податоци, секоја година во просек бројот на пензионери се зголемува за околу 5.000. Отткука, се поставува прашањето дали Фондот ќе издржи нов бран на пензионери и тоа дополнителни околу 10.000 веќе од јануари наредната година, бројка, која како што најави премиерот Зоран Заев, би можела да се појави, откако во јавниот сектор ќе се укине можноста за работа по наполнети 64 година, односно 62 години возраст. Бројката на пензионери дополнително би пораснала и ако се дозволи пензионирање со докуп на стаж.

Со задолжителното пензионирање на 62 години и 64 години, би требало да се намали буџетскиот трошок за плати и за придонеси, но ќе се зголемат средства потребни во пензискиот фонд за исплата на пензии. Важно прашање е дали овие испразнети места ќе бидат заменети со нови вработувања. Во тој случај ќе се зголемат и трошоците за покривање на новите пензии во ПИОМ, но ќе има и нови трошоци за плати.

Реформите во пензискиот систем ќе се одразат врз буџетскиот дефицит, велат од „Фајнанс тинк”. Апелираат пред што било да се преземе, потребно е таа реформа да биде добро осмислена и да се пресметаат ефектите. Не само за оваа и следната година, туку и за подолг период. За исплата на пензии оваа годинава ќе бидат потрошени над 900 милиони евра, а следната година се планирани над една милијарда евра.

И покрај стабилизацијата за редовна исплата на пензии, Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија дополнително се субвенционира од Буџетот. Вкупните приходи на Фондот минатата година изнесувале 75.915,53 милиони денари, или околу 1 милијарда и 250 милиони евра. Од нив изворни приходи (придонес од плата, бенефициран стаж, придонес од физички лица кои самостојно вршат дејност и вработените кај нив, придонес од индивидуални земјоделци и Агенцијата за вработување) се 41.927,10 милиони денари, или околу 680 милиони евра. Фондот од Буџетот лани добил 29.098,22 милиони денари или околу 500 милиони евра, имал и приходи од 39,02 милиони денари од дивиденда и продажба на акции и удели и 4.472,58 милиони денари од други приходи, а 1.378,61 милион денари од акцизи.

Расходите за исплата на пензии во 2019 година изнесуваат 56.318,10 милиони денари или 77,02 отсто во однос на вкупните расходи што изнесува нешто околу 900 милиони евра. За придонесот за здравствено осигурување, на корисниците на пензија во 2019 година се исплатени средства во износ од 7.437,42 милиони денари, или 10,17 отсто во однос на вкупните расходи. Трансферот на средства за приватните пензиски фондови во 2019 година изнесува 8.861,58 милиони денари.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапка на невработеност од 16,7 отсто е евидентирана во вториот квартал од оваа година. Според објавените податоци бројот на невработени во овој квартал изнесува 159 623, додека бројот на вработени 793 416. Во земјата има 953.039 активни граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот