Ниту Путин не би направил вакво нешто доколку ја води албанската опозиција, вели Пелеши за најавениот протест на Бериша

Фото Youtube Screenshot

Не стивнуваат реакциите од владини претставници и високи партиски функционери на албанските владејачки социјалисти по најавата на Сали Бериша за протест на 6 декември, кога во Тирана ќе се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши оценува дека тоа е голем срам кој не го заслужува Албанија и оти „оваа сметка Албанија не може да ја плати”.

„Срам што Албанија не го заслужува. Денес, кога на Западен Балкан му е потребна поддршка од ЕУ и САД повеќе од кога било, денес, кога Албанија се истакнува како водечка земја во ориентацијата на регионот кон запад, без геополитички дилеми, денес, кога седиме на преговарачка маса за полноправно членство во ЕУ, денеска, во пресрет на еден незамислив историски настан во однос на силата што ја дава на нашето европско патување – самитот на ЕУ во Тирана, Сали Бериша повикува на протест против ЕУ, на денот на самитот“, стои во реакцијата на Пелеши.

Според него „ниту Владимир Путин не би направил вакво нешто доколку ја води албанската опозиција”.

„Ниту Владимир Путин не би направил ништо повеќе од ова доколку ја води албанската опозиција. Еден подарок или стар долг? Како и да е Албанија не може да ја плати оваа сметка. Граѓанскиот однос кон овој срам е сечија должност, во прв ред на здравиот дел од Демократската партија“, наведува тој.

И во останатите реакции овој потег на Бериша се оценува како срам за земјата и за Албанците „во чиј дом гостинот е секогаш добредојден” и никогаш „пријателите не се дочекуваат со врева”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот