Невакцинираните административци ќе куртулат од тестирање на своја сметка еднаш неделно

Венко Филипче
Венко Филипче, министер за здравство/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Мерките што ги предложи Комисијата за заразни болести невакцинираните административци да се тестираат еднаш неделно за ковид на своја сметка, најверојатно нема да го доживеат светлото на денот. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на утрешната владина седница ќе се дискутира и за тие предлози, но дека анализите покажале дека во земјите каде се имплементираат во регионот, тие мерки не придонеле да се зголеми опфатот за вакцинација.

Наместо избор за вакцинација или за ПЦР тестирање за административците, сега со нова мерка ќе се прави обид да се зголеми бројот на вакцинирани граѓани во земјава. Матичните лекари кои што ќе успеат да разубедат 70 проценти од своите пациенти да се вакцинираат, ќе добијат по 30 денари бонус за вакциниран пациент.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека матичните лекари се во постојана комуникација со прикрепените пациенти и би било добро со постојани апели и повици да ги повикаат да се имунизираат.

-Претходно предложените мерки е тешко да се спроведат. Направивме студии, анализиравме што се бара во секоја од соседните држави и каде има ефект од мерките. Нашите сознанија се дека нема значајно зголемување на вакцинираните во овие земји поради рестриктивните мерки. Но сепак ќе разговараме и за нив на владиниот состанок, рече Филипче додавајќи дека фокусот ќе биде поголем на мерката за стимулација на матичните лекари со бонуси, за што ниеден досега официјално не се пожалил, а многумина ја поддржале.

Моменталната епидемиолошка ситуација од минатите две недели покажува дека двонеделната инциденца е намалена што се чувствува и со ослободување на болничките капацитети каде нема притисок за хоспитализации. Министерот рече и дека нема да се промени препораката за вакцинација 45 дена по прележувањето и дека граѓаните не треба да тестираат антитела пред вакцинација.

Комисијата за заразни болести реши да не воведе никакви рестриктивни дополнителни мерки поради тоа што во повеќе европски земји се појави варијантата омикрон.

-Разговаравме за новиот сој детектиран во Јужна Африка. Некои земји преземаат рестрикции. Ние остануваме со непроменети мерки. Сметаме дека нема доволно информации дури ни за тоа дека варијантата е попренослива. Затоа затворање на границите или карантин за патниците нема да даде ефект. Сојот е детектиран во европските земји и не може да се спречи да влезе на територијата. Остануваме со вакцинација, ПЦР тестирање и на таков начин се штитиме. Допрва ќе ја следиме ситуацијата, но засега сметам дека нема потреба за рестрикции, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот