Нема правосилна судска одлука за имотот на „Славија“, продажбата на акции е времено стопирана

Фатон Асани, директор на Агенција за управување со одземен имот / Утрински брифинг

И покрај тоа што нема правосилна судска одлука по жалбите на Кирил Кочевски кој е сопстевник на 98 отсто од акциите на АД „Славија“ , тие акции се наоѓаат во Агенцијата за управување со одземен имот. Таму завршиле откако Основниот кривичен суд донел пресуда со која се обвинува Кочевски за бесправно стекнат имот, но неговата жалба во моментов се наоѓа во Апелациониот суд.

Сепак, како што е познато, Агенцијата за управуање со одземен имот, од вчера, според нивниот оглас, требаше да ги објави акциите на „Славија“ на Берза. На новинарско прашање зошто не се чека судскиот процес да заврши, па потоа да се објавува продажбата, директорот на Агенцијата, Фатон Асани, објаснува дека тоа е направено за да не се случи имотот да отиде во стечај без да се наплатат парите од одземените акции.

– Акциите врз основа на донесена пресуда се во Агенцијата. И да се разбереме, ние не го продаваме имотот на „Славија“, туку тие акции. Наша работа е да го расчистуваме имотот кој е конфискуван. И во ревизорскиот извештај имаше забелешки за тоа дека имотот што е конфискуван треба да се впаричува. Сакаме да ги продадеме акциите на „Славија“ и од причина што за неа некој може да поведе стечајна постапка. Во 2020 година завршната сметка покажува минус од 700.000 денари. Ако се покрене стечај тогаш ние како институција и јас како директор ќе бидеме виновни дека навреме не сме реагирале – вели Асани.

Сепак, продажбата е времено стопирана, а причината е токму поради тоа што судската пресуда против Кирил Ковачевски не е правосилна, па тој побарал времена мерка за запирање на продажбата на акциите.

– Продажбата на АД „Славија“ е привремено запрена поради барање за времена мерка доставена до Судот кој по службена должност постапил поради барањето од страна на Кирил Кочовски, поранешен сопственик на акциите на АД „Славија“. Управниот одбор на Агенцијата врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка добиена од Судот и согласно досегашната пракса, одлучи времено да ја запре продажбата. Тоа значи дека продажбата не може да се реалзиира додека трае времената мерка, но не значи дека Агенцијата се откажала од продажбата на акции, туку дека ќе ги следи законските основи за постапување – појасни Асани.

Тој рече дека во минатото, парцијално веќе е продаден голем дел од имотот, иако и тогаш немало правосилна судска одлука за предметот на Кочевски. Асани појасни и како е дојдено до почетната вредност на акциите во вкупна вредност од околу 280.000 евра, износ што многу беше критикуван од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Според Правилникот на Агенцијата, објавен во „Службен весник“ во 2013 година, според член 19, став 2, доколку во период од 12 месеци, пред денот на објавувањето на продажбата на акциите немало тргување на берзата, почетната цена се утврдува во висина на последната номиналната ведност со која се тргувало и ќе се тргува во следните 5 последователни денови. Последната цена на акциите на берзата беше 51 еврo за акција. Во сопственост на Агенцијата се 4.285 акции, што значи дека почетната вредност е околу 280.000 евра, но се очекува таа да расте во процесот на наdдавање – објасни Асани.

Тој додаде и дека ако за 5 дена не се продадат акциите, според регулативата, Агенцијата може да ги понуди во наредните 5 дена за пониска вредност за 25 проценти.

Некогашните проценки на имотот на „Славија“ одеа до 25 милиони евра. Во меѓувреме, според тврдењата на Агенцијата се продадени 4 хипермаркети, 2 супермаркети, 24 продавници, еден мотел и еден магацински простор. АД „Славија“ се уште располага со 16 објекти, управна зграда и магацин, а од издавањето заработува околу 700.000 евра годишно, од кои две третини се наменети за плати и придонеси, а останатите за режиски трошоци. Во АД „Славија“ сега има 30 вработени.

Купувачот би требал да ги преземе и долговите

Според Агенцијата за управување со одземен имот, тој што би ги купил акциите, би ги преземал и обврските на АД„Славија“, но оттаму велат дека тоа не е во нивна надлежност.

– Секој купувач мора да знае што купува. АД Славија си има и директор и управен одбор и надзорен одбор. Логично е дека идниот купувач таму треба да се информира. Акционерските друштва подлежат на многу други закони, но нивната работа не е во наша надлежност – објаснија од правната служба на Агенцијата.

Според информациите со кои располага Агенцијата, АД „Славија“ има долг кон 72 дверители со вкупна вредност од над 2 милиони евра, но без камати, а не располагаат со информации колкави се каматите, но факт е дека некои долгови биле уште пред 1996 година. Исто така, АД „Славија“ има долг и кон 136 вработени кој е над 186.000 евра, исто без камати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот