Нема државјанства, нема помош за граѓаните и за фирмите

Алијансата на Албанците и Алтернатива подготвуваат илјадници амандмани за блокада на законите од петтиот сет економски мерки, со кои власта планира да им помогне на погодените граѓани и фирми од коронавирусот.

Оттаму информираат дека амандманите ќе ги достават деновиве до Собранието, а велат дека ќе ги повлечат само доколку се постигне договор за Предлог-законот за државјанства, со кој бараат македонско државјанство за 70.000 граѓани.

– Ќе го блокираме секој закон од петтиот сет економски мерки поединечно со по илјада амандмани, сѐ додека не се договориме за Законот за државјанства. Ги жалиме граѓаните и фирмите што се засегнати од овој сет мерки, меѓу нив имаме и наши роднини и блиски пријатели, но предност им даваме на оние што триесет години се за жалење, а никој не ги испочитувал нивните права – вели координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи.

Според него, бројот на граѓани што очекуваат македонско државјанство не е толку важен колку што е битно да се решат нивните проблеми.

Реџепи посочува дека роковите за поднесување амандмани на постојниот Закон за државјанства се истечени, но доколку се изнајде решение, ќе го повлечат актуелниот Закон за државјанства и ќе поднесат нов, со решенија договорени од сите политички партии.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски најави дека опозицијата во Законодавниот дом ќе ги поддржи законите врзани за петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и компаниите поради ковид-кризата.

Сепак, тој потенцира и дека владејачкото мнозинство треба да инсистира тие да бидат ставени на дневен ред побрзо, а не да се чека до закажаната седница на 23 март.

– Ние ќе ги поддржиме овие закони дури и во ваква форма каква што се. Многу повеќе треба да се издвојува за компаниите. Ненавремената реакција ќе има далекусежни реперкусии за економијата. Ние како опозиција постојано ја поддржуваме економијата, а бидејќи во овие закони има помош за граѓаните, го повикуваме мнозинството побрзо да се достават на дневен ред – посочи Муцунски.

Инаку, Владата до Собранието испрати негативно мислење за Предлог-законот за државјанства. Министерството за внатрешни работи даде негативно мислење за идејата државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од три сведоци, без да бидат приложени документи како доказ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот