Недоволен, кец – и така трипати!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Додека го читате овој текст, жешката шлаканица од 111-то место на Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнел – најниското во целата “индексирана“ историја на Македонија – мора сè уште силно да одѕвонува во ушите на актуелната македонска власт.

Овие симболични три единици – „Недоволен, кец!“, и така трипати – се вистинската мерка за да се оцени актуелната перцепција во македонското општество за состојбата со корупцијата и борбата против неа во изминатите неколку години. Тие се одраз на „културата на помирување“ и компромиси за сè и сешто што премиерот Заев и раководството на СДСМ се обидуваат да го востоличат и за тоа каде има место, но и за таму каде никако не смееше такво нешто да се дозволи: во расчистувањето со криминалите на претходниот режим, како општо, така и поединечно.

Тие „три кеца“, коцкарски драматично извлечени од „ракавот“ на незадоволната јавност, се збирната оценка за состојбите во државната администрација во која во последните три-четири години никој не изгуби ухлебие по промената на власта, а некои и напредуваа во одржувањето на своите статуси и влијанија стекнати низ искрената соработка со Груевски и неговата криминална тајфа… Тие се симбол на одбивањето на намерата за помирување (и политичко и правно) не само со будалетинките, туку и со мозоците и инспираторите на домашниот тероризам заради кои „за влакно“ избегнавме голема национална и демократска трагедија… Тие се „правосилна пресуда“ за леснотијата со која се изгуби драгоцено време во расчистувањето со „сваровски судството“, до степен реформите да се развлечат до недоглед, а СЈО да се понуди како главна „пиксла“ во преговорите со мафијата, на чии главни актери им се дозволи да се претставуваат како „невини жртви“ на неопходноста за функционирањето на правото и правдата во земјава… Тие се јасен знак за незадоволството во јавноста во врска со формалниот третман на ДКСК како независен партнер во борбата против корупцијата, зад што стои суштинското фолирање со задоволувањето на нивните неопходни технички, финансиски, кадровски и политички услови за да ја ефектуираат својата клучна контролна функција во државата… Тие се и јавен став и во врска со бројните гнили компромиси во легитимирањето и авансирањето на истите кадри на ДУИ кои во времето на Груевски сесрдно помагаа за неговото еднодецениско коруптивно владеење… Тие се „слика и прилика“ и за сопствената лаконска кадровска селекција на оваа власт на сите нивоа на управување…

И така натаму и на тоа слично.

Конечно, тие се очајнички – а можеби и охрабрувачки – крик на јавноста дека на домашната политичка агенда функционирањето на правната држава мора да стои повисоко и од сите меѓународни предизвици чие успешно надминување не може постојано да се „растегнува“ како изговор за домашните потфрлања.

Сепак, има нешто што тие „три кеца“ излезени од јавната перцепција сигурно не се – не се поддршка за сегашната опозиција во која владее буквално истиот менталитет и истите кадри кои се „меритумот“ на причината за незадоволството во јавноста од неиспорачувањето на правото и правдата од страна на власта. Заглушени од сопствента врева, тоа тие не можат ни да го слушнат, ни да го разберат.

Да, општествените перцепции се сложен социолошки, психолошки и политички феномен кој функционира како груба „секира“ и таму каде што „хируршките скалпели“ се можеби подобра алатка за дијагноза на болеста на „пациентот“. (Индексот на Транспаренси е одлична илустрација за таквата аномалија.) Демократскиот предизвик е што за нивното менување може да се одговори со брз популизам (на пример, методите на Груевски со „апсења пред камери“ или ветувањата на Заев за „метла“ во институциите и сл.); или со поспора, но упорна и ефикасна институционална реформа, која не може да трае до недоглед, со „невидливи“ резултати.

Затоа е добар моментот во кој пристигнува поразителната оценка за ваквата јавна перцепција во Македонија. Од оваа точка па натаму, после трите добиени „кецови“, Заев и СДСМ одат на последен поправен испит. За нив – а и за сите нас – прашање е дали е предност или проблем што политичката конкуренција им е слаба. Оти, во политиката, нема „безвоздушни простори“ кои, порано или подоцна, некој нема да ги пополни. Тоа е и еден од рецептите за унапредување или за урнисување на демократиите. Со оглед на околностите, кај нас е повеќе во игра втората варијанта…

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот