Наум со песна ќе не лечи!

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Пејачот Наум Петрески вчера демонстративно објави: Нема да го почитувам карантинот, ќе излезам од дома, затоа што власта е неспособна да се справи со обичен грип!.

Конечно на некој стручен во државава му текна дека коронава е обичен грип и дека намерно не затвораат дома за да не трујат преку воздухот и да ни инсталираат 5Г мрежи кои ќе ни го спржат мозокот. А на крај, сите ќе не чипираат.

Е многу ми е мерак кога ќе слушнам дека кај нас има вакви стручни лица кои ги разбираат работите, а не како оној Филипче, да ни кажува седете дома, многу е опасен вирусов.

Само ме интересира, дали ако Наум навистина го прекрши карантинот и прошета надвор за време на полициски час, ќе му долетаат 10 специјалци, да интервенираат и да го пикнат во марица, па со нога да му ја лупнат вратата, онака фраерски без маска и ракавици. Или тоа само на оние со кучиња им следи?

Ама Наум не е глупав па да шета куче. Он ќе излезе надвор и ќе запее, па и оро ќе заигра. Е тука полицијата ништо не му може. За песна и оро, нема корона. Па уште ако се соберат комшиите да му дадат поддршка…

Токму поради ваквите како Наум државава ни е таму кај што е. Од стручните како пејачот и како министри кои оперираа преку видео игри, сите лекари ни побегнаа, па сега мораме да седиме во карантин за да не ни крахира здравствениот систем и не дај боже да ни се случи италијанско сценарио.

Се надевам дека државата конечно ќе се освести и ќе сфати што и е потребно и во што треба да инвестира понатаму за да осигура добра иднина за своите граѓани. Како што беше кажано во Италија, вложувате милиони во фудбалери, наместо во лекари, сега Роналдо нека ве лечи.

За да не се доведеме во ситуација такви како Наум да не лечат, слушајте ги стручните лица и здравствените власти и седете дома. Кризава со пандемијата ќе помине како и се друго што поминало. Но, треба мудро да излеземе од неа како победници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот