Наставата за штитениците во ВПД-Тетово ќе почне месецов

Даниел Антоски, директор на ВПД - Тетово

Дваесет и едно дете со изречена мерка „упатување во воспитно-поправен дом” престојуваат во моментов во ВПД – Тетово, сместен во селото Волковија. Станува збор за дом, кој беше пуштен во употреба на 3 ноември 2020 година, изграден по сите европски и меѓународни стандарди и во кој, како што веќе објави МИА, престојуваат само машки деца, прекршители на законот. Девојчињата, кои дошле во судир со законот, оваа мерка ја издржуваат во несоодветни затворски услови во Казнено-поправната установа Идризово.

И покрај сите „удобности” во домот, новите објекти, собите со тоалет, во кои постојано има топла вода, терените за спорт, вежбалницата, убаво уредениот двор, сепак штитениците во Волковија во моментов немаат пристап до основно образование.

За домот, неговото функционирање, за секодневието и процесот на ресоцијализација на овие деца разговараме со директорот на ВПД – Тетово, Даниел Антоски, долгогодишен професор по македонски јазик, некогаш директор на училиште, а сега прв човек на институција, која треба да претставува животно училиште за оние кои се упатени во неа.

Антонски вели дека поголема група деца од 12 до 13 немаат завршено основно образование. Во домот лани се спроведувало основно образование. Процесот бил организиран како проект на УНДП и Министерството за образование. Во домот има две училници, каде што децата учеле, поделени во две групи, во согласност со тестирањата на наставниците од училиштето „Гоце Делчев”, најблиското до ВПД – Тетово. Во моментов основното образование е во прекин. Завршил договорот меѓу УНДП и МОН.

– Министерството за образование и УНДП го прекинаа договорот за соработка. Јас минатата недела имав средба со министерот за образование. Имав средба на која најдовме, мислам, заеднички јазик да се надмине конечно тој проблем, вели Антоски во разговор за МИА.

Тој нагласува дека законска обврска на државата е да обезбеди образование за овие деца и изрази надеж дека ова ќе се реши најскоро, дури и овој месец.

– Со министерот најдовме, како што кажав, заедничка цел, да се реализира тоа образование и мислам дека во март, почетокот на март ќе започне да функционира образованието тука, не како проект, туку проблемот системски да се реши. Директно ќе бидеме под Министерството за образование, нема да биде проект на УНДП и Министерството, вели Антоски.

Со оглед на тоа дека оваа мерка се изрекува на деца од 14 до 23 години, во домот има и такви кои имаат потреба од средно образование. Три деца веќе се запишани вонредно да го завршат средното образование надвор од институцијата, едно во Средното економско училиште „8 Септември” и две во Средното училиште „Моша Пијаде” Тетово.

Антоски вели дека иако задолжително, средно образование не може да се воведе во ВПД затоа што имаме повеќе видови, а секое дете има свои посебни афинитети.

– Тоа е задолжително за децата, но не е задолжително за ВПД, дека мора ние да го обезбедиме. Ние сме должни за основното, за средното не, децата имаат желби, на пример има три години средно, па сака да учи уште една година средно. Ние излегуваме во пресрет колку што можеме, нагласува Антоски.

Мерката се изрекува за период од една до пет години, а нејзиното времетраење зависи од тоа колку детето ќе се придржува кон програмата за ресоцијализација и превоспитување за што оценка прави тим од домот, во соработка со судија и јавен обвинител. Антонски нагласува дека досега во домот нема забележно никакви знаци на корупција. Вели децата надвор правеле некои работи, но во домот се свесни дека од нив зависи колку бргу ќе излезат на слобода.

– Куќниот ред, правилниците на децата им се достапни пред нив 24 часа. Тие си го знаат куќниот ред напамет. Тие знаат дека за еден нивни прекршок им се пролонгира времето на излегување, бидејќи се деца и се свесни и сакаат побргу да излезат. Верувајте дека јас сум презадоволен од оваа група деца, кои се тука во моментов, имаат почит кон институцијата, почит кон вработените, нагласува Антоски во разговор за МИА.

Директорот на ВПД – Тетово истакнува дека досега не пронашле ниту еден мобилен телефон кај некој од штитениците и додава дека воспитувачите имаат мобилни телефони, од кои децата може да се јават кај своите најблиски. Имаат на располагање и таблети, кои ги користат во наставата, која моментално е во застој, а интернет имаат во музичкото студио, во кое досега снимиле пет песни.

– Им направивме едно музичко студио, бидејќи имаме талентирани деца, коишто знаат да компонираат песни, текстови. Имаат снимено пет песни со нивни текстови за институцијава, за нивниот живот, многу убави песни. Во таа просторија им е дозволен интернет, секако во присуство на воспитувач или полицаец, но тие тоа го ценат, не го злоупотребуваат и затоа ние се трудиме да им пружиме сè што им е потребно само за да им биде убаво и децата ни враќаат со добро, вели Антоски за МИА.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот