Нашите работодавачи преговараат да дојдат работници од Пакистан

Текстилни работници од Пакистан/Фото: paul prescott / Alamy / Profimedia

Битиќи најави олеснувања за „увоз“ на работна сила од странство.Ние може да донесеме само работници од Пакистан, Иран, Ирак и од Авганистан. Во сите други земји има повисоки плати од нашите, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата

По постојан притисок од работодавачите што се жалат дека не може да најдат работна сила, по повеќегодишно заговарање на олеснувањето на нивниот престој и работа во земјава, завчера од вицепремиерот Фатмир Битиќи стигна веста дека „годинава еднаш засекогаш ќе ја отвориме табу-темата дали во нашата држава може да увеземе работна сила за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на економијата“.

Работодавачите оваа вест ја примија со позитивна емоција, а претседателот на Бизнис-конфедерацијата Миле Бошков, во изјава за „Слободен печат“ рече дека тие веќе преговараат да донесат работници од Пакистан.

– Веќе разговараме да донесеме работници од Пакистан и има многу заинтересирани да работат во нашата земја. Ние, всушност, може да донесеме само работници од Пакистан, Иран, Ирак и од Авганистан. Во сите други земји има повисоки плати од нашите – вели Бошков.

Тој вели дека донесувањeто работници за потребите на нашиот бизнис не значи дека ќе се намалат платите.

– Не може да дојде до намалување на нашите плати, но за нас тоа ќе бидат вработувања на луѓе со поголем капацитет, па на тој начин тие ќе бидат поевтини – објаснува Бошков.

Тој вели дека и сега странци може да работат во Македонија, но дека има многу голема процедура, поради што работодавачите алармираат за менување на регулативата, а дотогаш бараат барем организационо да се подобрат работите.

Текстилните фабрики полни со нарачки, но немаат работници

„Слободен печат“ разговараше со странец што работи во нашата земја и кој ни раскажа со какви административни проблеми се соочуваат.

– Можно е вработување по барање на овдешен работодавач, но и тоа не значи дека ќе биде одобрено. Сепак, документацијата треба да се собере – треба потврда за неосудуваност од земјата каде што доаѓа работникот, па преведена диплома од завршеното образование, па образложение од работодавачот зошто сака да го вработи, како и извод од Централниот регистар за неговата тековна сметка. Мислење за исполнетост на условите за издавање дозвола за вработување на странец дава Агенцијата за вработување. Но, таа може да даде и негативно мислење со образложение дека таков кадар има во земјава – објаснува нашиот соговорник, кој сакаше да биде анонимен.

Тој објаснува и дека со првото вработување се добива привремена лична карта на 3 месеци, потоа на 6 месеци, па по извесен период на една година, а по 5 години непрекината работа во нашата земја може да се добие лична карта на неопределено време.

– Секое продолжување на привремениот престој е вистинска голгота. Таму каде што мора да се обратиме, покрај вработените странци се и студенти, а ги има многу од Турција. Само во определени денови, и тоа од 9 до 13 часот, работи Kанцеларијата за странци во која мора да се поднесат низа документи. Моето искуство покажало дека додека ми се изготви привремената лична карта, треба да поминат два-три месеци, а во тој период практично не може да работат со пари на тековна сметка – вели соговорникот.

Летово, кога угостителите алармираа дека немаат работници поради што примија средношколци за сезонска работа, од Туристичко-угостителската комора рекоа дека вкупно 5.000 келнери, садопери, рецепционери и собари од Турција можат веднаш да дојдат во земјава и да почнат со работа во нашите угостителски објекти, доколку државата им овозможи брзо вработување, под истите услови што важат за македонските граѓани – само со лични карти и евидентирање без многу формалности.

Ќе седат невработени, ама не им се излегува надвор од Скопје!

Сите околни земји веќе почнаа со „увоз“ на работна сила. Во Србија се олесни влезот на странци со закон од 2014 година, а според пишувањата на тамошните медиуми, најмногу странски работници имаат од Кина, Турција и Русија, но работници имаат и од Црна Гора, Босна и од Македонија.

Недостигот од кадар стана хроничен проблем и во Словенија, земја што има највисоки плати во регионот, а според пишувањата – проблемот се влошува.

Словенечките работодавачи со години ја пополнуваат празнината на домашниот пазар на труд со странски работници на кои за работа овде им е потребна единствена дозвола за престој и работа. Ова го издаваат административните единици под услов Институтот да даде претходна согласност, а во случај на државјани на Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија, кои доаѓаат врз основа на Договорот за вработување, работната дозвола се смета за согласност на Институтот. Податоците покажуваат дека лани во Словенија се издадени повеќе од 48.000 дозволи и согласности, а бројката со годините се зголемува.

Земјите во нашето соседство ги наведуваат истите проблеми за недостиг на работна сила, а работодавачите велат дека гледаат кон подалечните земји – Турција, Индија, Непал.

Револт на социјалните мрежи

Веста дека ќе се носат работници од странство, како и постојаните изјави на работодавачите дека не можат да најдат работници, предизвикува лавина од негативни коментари на социјалните мрежи. Коментарите се сведуваат на пораки до работодавачите да ги зголемат платите па ќе најдат работници, да ги подобрат условите за работа, да не бараат враќање на дел од плата, да не бараат од работниците да работат по 10 часа, да ги намалат своите профити на грбот на работниците…

Работодавачите, пак, се жалат на стручноста на работниците, како и на нивната работна дисциплина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот