НАСА го објави извештајот: Нема причина да се заклучи дека постојат вонземјани, но и да се отпише можноста

НАСА / фото Архива

Долгоочекуваната студија за неидентификувани летечки објекти (НЛО), која светската јавност со нетрпение ја чекаше, конечно ја објави Американската вселенска агенција. НАСА минатата година објави дека ги разгледува доказите за т.н неидентификувани воздушни феномени кои го замениле претходниот термин „НЛО“ во официјалната терминологија.

Неидентификувани летечки објекти, или како што НАСА неодамна ги нарекува: неидентификувани воздушни феномени, сè уште не се расветлени. Тоа е суштината на долгоочекуваниот извештај кој беше објавен пред неколку часа. НАСА денеска изјави дека нема причина да се верува дека феномените на небото кои со децении се нарекуваат НЛО имаат вонземско потекло.

„Главниот заклучок од нашата студија е дека имаме уште многу да дознаеме. Независното тело на НАСА не најде докази дека овие феномени се од вонземско потекло, но не знаеме ниту што всушност се тие. И затоа го назначивме директор на Одделот за истражување на неидентификувани аномални феномени“, изјави администраторот на НАСА Бил Нелсон.

Иако студијата не може да заклучи дека постои живот надвор од Земјата, НАСА вели дека не е подготвена да ја исклучи можноста дека „потенцијално непозната вонземска технологија функционира во атмосферата на Земјата“.

Станува збор за светлосни точки на небото, кои најчесто биле набљудувани од други вселенски летала, а кои до сега не биле објаснети.

Како што е наведено, повеќето од овие појави можат да се објаснат, а само два до пет проценти од случаите се сметаат за „аномалија“ и засега остануваат загатка.

Во извештајот се наведува дека „многу веродостојни сведоци, често воени пилоти, пријавиле дека виделе објекти во воздушниот простор на САД што не ги препознаваат“.

Еден од најголемите предизвици за НАСА е недостатокот на податоци што го прави невозможно да се каже дали некој објект е UAP или не. „Извештаите на сведоците не можат да се повторат и обично не даваат доволно информации потребни за да се дојде до конечен заклучок“, се вели во студијата.

Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, на прес-конференција рече дека фокусот на студијата е да се пресели „од сензационализам кон наука“. Нелсон рече дека НАСА ќе назначи директор за истражување на UAP, чија работа ќе биде „да го развие и надгледува спроведувањето на визијата на НАСА за истражување на UAP“. Тој рече дека НАСА ќе работи со други агенции за да ги анализира необјаснетите феномени и ќе користи вештачка интелигенција за пребарување на атмосферата. „Ќе продолжиме да гледаме кон небото и да бараме знаци на услови за одржување на животот“, рече Нелсон на прес-конференција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот