Наместо чиста шарпланинска вода од селските чешми во тетовско тече вода со фекалии

Во тетовските села се пие загадена вода речиси во текот на цела година.

Анализите на Центарот за јавно здравје Тетово, за последните три месеци од 2022 година, покажаа дека над 70 % од селата во тетовско имаат неисправна вода за пиење. Водата во селските водоводи е бактериолошки неисправна, но има случаи и на физичка-хемиска загаденост.

Пример за голема загаденост на водата за пиење е село Пирок, Општина Боговиње чии мештани пијат бактериолошки неисправна вода во текот на цела година. Во последно време зачестила појавата на дијареа кај децата, па жител на селото пријавил во Агенцијата за храна и ветеринарство за проблемот со водата за пиење.

„Пирок има цела година неисправна вода за пиење, но сега едно лице, жител на Пирок ја пријавил ваквата состојба во Агенција за храна и ветеринарство. Ние отиднавме зедовме мостра и утврдивме дека водата е и хемиско – физички и бактериолошки неисправна. И во Пирок имаше зголемен број на деца со дијареа, вели д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје Тетово.

Нередовното хлорирање на водата, како и необезбедените изворишта на селските водоводи, се двете главни причини поради што мештаните од тетовските села пијат неисправна вода за пиење. Постојано укажуваме да се врши хлорирање, но апелите ретко стигнуваат таму каде што треба, велат од Центарот за јавно здравје Тетово.

„Сега селата кои имаат речиси преку текот на цела година неисправна вода за пиење, обично е полна со колифорни бактерии. За обична нечистотија се работи, но има и Ешерихија Коли и фекално загадуавње, а тоа се појавува во самите изворишта од селските водоводи, таму има животни, таму не се обезбедени извориштата, не се хлорира доволно водата и на крај добиваме такви резултати“, вели доктор Давидовски.

Голем број од селските водоводи во тетовско ги раководат месните заедните, кои не се доволно организирани и функционални. Водоводите се запуштени, а на крајот од селските чешми наместо чиста Шарпланинска вода мештаните добиваат вода со фекалии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот