Над стотина европски анимирани филмови ќе бидат прикажани на „Флипбук филм фестивал“

Европската панорама содржи 35 анимирани филмови

Во знак на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов во летното кино на Кинотеката во Скопје од 10 до 13 август ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот за европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“.

Фестивалот ќе биде отворен со премиера на омнибус со четири анимирани филмови инспирирани од поетското творештво на Ацо Шопов во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов.

Во другите три вечери ќе бидат прикажани над 100 филмови во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, а меѓу нив се најдобрите европски остварувања од минатата година: „Oneluv“ на руската авторка Варја Јаковлева, овогодишниот победник на „Анимафест“, номинираниот за Оскар „Трговци со мраз“ на Португалецот Жоао Гонзалез, како и македонскиот анимиран филм „Безбојно огледало“ на Бесар Илјази.

Главната натпреварувачка селекција има 14 филма

Во категоријата најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 19 филмови од хрватската, британската, унгарската, белгиската школа и два македонски филмови, „Нонсенс“ на Ангела Грозданов, дипломски филм направен на катедрата за анимација на „Еуропа Прима“ во Скопје, и „Chill Stacy, chill“, филм на Тамара Таскова направен на нејзините филмски студии во Словенија.

Десет анимирани документарци ќе бидат прикажани во програмата „Анидок“

Голем интерес на досегашните изданија на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, а меѓу десетте наслови ќе бидат прикажани наградуваните „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ, „Артефакти за тебе, артефакти за мене“ на Белгиецот Брехт де Кок, францускиот „Box Cutters“ на Наоми Ван Ниекерк.

Во селекцијата на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно 19 анимирани видеа, меѓу кои и два македонски, на Андреј Марјановиќ и Никола Радуловиќ.

Фестивалот ќе прикаже и 19 анимирани музички видеа

За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Надја Андрашев од Унгарија, продуцентка и режисерка на повеќе наградувани анимирани филмови, Марко Дјешка од Хрватска, наградуван режисер и стрип автор, како и основач на познатото студио за анимација „Адријатик“, и Гоце Цветановски, македонски автор на анимирани и играни филмови.

За наградите од селекцијата на анимирани документарци и од студентската програма ќе одлучуваат Михал Бобровски од Полска, професор и теоретичар на филм, автор и приредувач на неколку значајни книги од областа филмот, Арба Хаташи од Косово, директор на фестивалот за анимиран филм „Анибар“, и Наташа Андонова, македонска аниматорка, сликарка, илустраторка и филмска и театарска костимографка.

Студентската програма содржи 19 анимирани филмови

За време на фестивалот ќе бидат претставени изложби на цртежи и колажи од анимирани филмови и флип-бук тетратки изработени од учениците во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Четвртото издание на „Флипбук филм фестивал“ е поддржано од Агенцијата за филм, Министерството за култура, „Еко свест“ и Кинотеката на РСМ, а ќе се одржи под покровителство на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 190, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот