На „Васил Ѓоргов“ нема место за пешаци – пола тротоар зафатен од градилиште, другата половина со бандери, автомобили и кабли

Постои ли начин на кои пешаците можат безбедно да се движат кога се гради некоја зграда или друг објект и кога со лимените тараби ќе се зафати половината од тротоарот? На минувачите им останува другата половина и надежта дека градилиштето е добро обезбедено и дека над главите не им се извишува кран, а притоа, по можност, со нозете да не газат низ земја и кал, која случајно од градилиштето се прелеала по тротоарот или по велосипедската патека.

Но, што доколку и другата половина од тротоарот е „зафатена“ – со паркирани автомобили, со бандери, заштитни столпчиња, кабли кои висат од бандерите и слични други пречки на кои може да наиде кој било случаен минувач низ градов.

Токму тоа се случува на улицата „Васил Ѓоргов“, покрај градилиштето во близина на ТЦ „Зебра“.

Ужасно е, не може човек да помине. Јас две мали деца наутро носам во градинка, едното во количка, и нема никаква можност да се помине покрај градилиштето. Или морам да поминувам со децата улица, па после градилиштето пак да се враќам на другата страна или да ги носам по улица, а знаете колку е Васил Ѓоргов фреквентна сообраќајница. Навистина не е во ред ова, па барем да ги тргнат паркираните коли. На крајот на краиштата, нели и пешаците се учесници во сообраќајот исто како автомобилите, би требало и ние да имаме услови за безбедно движење – коментира Ивана, жителка на Капиштец.

Од Општина Центар велат дека доколку граѓаните имаат некои проблеми треба да пријават, па така и за конкретната состојба на оваа улица.

Граѓаните слободно можат да се пожалат во Опшината. За овој и други слични случаи можат да поднесат пријава во архива, од каде пријавата ќе биде проследена до Секторот за инспекциски надзор, па инспекторите ќе постапат во согласност со своите надлежности – објаснуваат од Центар.

Со други зборови, граѓаните наместо секојдневно да се нервираат со состојбите низ градот, треба да се поактивни и да ги пријавуваат сите случаи кои им го отежнуваат секојдневното функционирање, во надлежните општини или институции. На тој начин можеби и ќе ги „размрдаат“ и активираат службите и инспекторите повеќе да се движат на терен и да видат што се случува низ градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот