ФОТО/ВИДЕО: На Вардариште сѐ уште може да се сними „Џипси меџик 2“ – државата се спрема да ги исели Ромите кои со децении живеат во ѓубре
Град Скопје се пофали дека веќе почна да го чисти отпадот од дивата депонија во Вардариште. Најавуваат одгасување, а потоа и изградба на еден од најголемите паркови. Но, тука уште се Ромите, а се работи за површина од 300 илјади метри квадратни. Еве што регистриравме на депонијата на крајот на ноември
Препорачано
Сцените од култниот филм „Џипси меџик“, снимен во 1997 година, може да се видат и сега, во живо, на неколку километри од центарот на Скопје на левата страна од реката Вардар, каде огромна површина е покриена со ѓубриште, а меѓу купиштата се наѕираат куќи направени од картони, летви, лимови, дрво – кој од што нашол.

Таму, на дивата депонија Вардариште, живеат ромски семејства, чиј број никој точно не го знае, а се спомнува бројката, од околу 100 ромски семејства. Вардариште е синоним за депонија која го труе цело Скопје, особено Аеродром, Гази Баба, Лисиче, но ретко кој бил да види што всушност се случува таму.

Улицата „Перо Наков“ води кон Вардариште, но ако не знаете, тешко ќе се снајдете низ уличките, каде има и пристојни куќи, неколку фирми за отпад, но и цела ромска населба – без канализација, луѓе што живеат буквално во ѓубре, под секое човечко достоинство. По големиот пожар летово, кој гореше со недели, имаше обезбедување и камери, и откако Скопје доби нов градоначалник кој најавуваше дека Вардариште ќе го направи парк, сега, од она што можеше да се види, веќе никој ниту контролира кој доаѓа, ниту пак видовме некакви униформирани лица.

Немаше ниту полициски пунктови, ниту обезбедување како што се ветуваше, а жителите кои цел живот се во близина на депонијата велат дека до изборите имало некакви контроли и се слушале како летаат дронови, но сега веќе нема ништо.

Рано наутро, по дождливите ноемвриски денови, нè пречекаа млади Роми кои прво малку сомничаво не испрашаа зошто сме дошле на нивна територија, а потоа почнаа да се жалат како живеат.

– Ова е катастрофа, вака не се живее. Цел ден по чизми одам, гледајте – децава боси одат по водава, ова е болест – вели еден од Ромите кој нè водеше низ куќите и ни покажуваше каде горело, каде чистеле, но и дека водата од дождот му влегла дома.

Не одиме во „Чичино село“
– По хартија одиме, по канти, шишиња собираме, пластики, нема како да се живее, не знам како преживуваме – вели тој. За тројцата Роми што ги осудија за диви депонии и откуп на старо железо велат дека ништо не знаат.

Со горење на кабли за да го извадат бакарот од нив за продавање, тврдат дека не се занимавале, туку собирале картони и ги продавале на фирми за отпад, само за да преживеат. Јавна тајна е дека најчеста причина за пожарите и црниот чад што доаѓа од Вардариште не е од картоните што ги собираат, туку, како што и во минатото сведочеле луѓе што живеат во близина, од горењето гуми и пластика на депониите, но и кабли од кои потоа се вади бакарот и се продава по отпадите.
На местото каде што гореше, како што ни објаснија староседелците, дел било покриено и израмнето, а на дел веќе никнала нова импровизирана куќа, пред која стопанот со коњ и запрежна кола се спрeмаше да оди по работа.
– Беден живот, стани сабајле да цепаш глава да мислиш каде ќе работиш – рече тој.

Но главна тема таму веќе беа најавите за рушење на оваа ромска населба, нешто што се погласно се зборуваше по пожарот, па најголем дел од нив би останале да живеат во оваа беда ако државата не им обезбеди пристојни услови за живот.
– Нека дојдат да рушат, ама ќотек ќе јадат – беше првиот коментар за најавите за рушење.
– Во Чичино село (домот за бездомници во Сарај) не одиме, таму ќе не тепаат, ќе ни ги малтретираат девојчињата. Зошто не ни даде еден стан државата, како што давале во Штип? Ништо не прави за Ромите – велат тие.

Но дел кажуваа дека веќе неколку пати ги посетувале од институциите и им давале да потпишат некакви документи.
Таму има луѓе кои се родиле на улица „Зенден Џемаил“ број 36, пред 40, па дури и 50 години, во депонијата која вирее половина век во Скопје.
– 40 години живеам тука, тука сум роден, имам лична карта на оваа адреса. Сега велат дека ќе не рушат, дека ќе ни даваат бараки. Значи нема каде да го фрламе ѓубрето, струја плаќаме, вода плаќаме, а канализација немаме. Имаме една јама и со пумпа ја вадиме водата и после ја фрламе во Вардар – вели еден од родените жители на депонијата.

По пожарот, граѓани секојдневно блокираа улици со пораки „Не се дише, секој ден смрди на пластики и гуми“. По повеќе од еден месец протести, пред изборите, си подадоа рака со надлежните на заеднички состанок што се одржа во Министерството за внатрешни работи. Иницијативата „Стоп за Вардариште“, која ги предводеше протестите, стана дел од државно тело кое ќе го координира затворањето на депонијата.

Вардариште со години има историја на депонија. До 1997 година се користела за фрлање на комунален отпад од Град Скопје. Кога се затворила, продолжила да биде депонија – ама дива. Сите градски власти најавуваа дека „еколошката бомба“ ќе замине во историјата, но и денес таа е реалност. Такви беа најавите и на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој во ноември седна на фотелја и за време на акцијата за чистење на Скопје се сликаше со механизација како ја чисти депонијата, а најавуваше дека ѓубрето ќе го претвори во парк.
Прво ќе се чисти метанот
Од Кабинетот на новиот градоначалник велат дека го расчистувале просторот и го подготвувале теренот за одгасување на метанот што се наоѓа во депонијата.

– Овој процес е клучен за трајно решавање на еколошкиот проблем и ќе го спроведе ЈП „Улици и патишта“ во соработка со специјализирана странска компанија со долгогодишно искуство во ваков тип интервенции. По стабилизирањето на теренот и целосното одгасување на метанските џебови, следен чекор е изградбата на мостот кај Вардариште кој ќе ги поврзе општините Гази Баба и Аеродром. Со реализацијата на овој проект ќе се создадат услови просторот конечно да добие нова, безбедна и трајна намена. Нашата цел е Вардариште да замине во историјата како еколошка бомба и на тоа место да се изгради нов мега-парк, голем зелен простор достапен за сите граѓани, место за одмор, рекреација и здрава животна средина – велат од кабинетот на градоначалникот.

Оваа парцела се наоѓа на територијата на општина Гази Баба, па градоначалникот Бобан Стефковски вели дека за време на големата чистка на градот дел од депонијата бил исчистен, а акцијата ќе продолжи следниот период.
Според информациите во јавноста, за да се започне со санација на Вардариште, за што уште во 2014 година е изработена физибилити студија, предуслов е да се донесат преостанатите два ДУП-а за Вардариште – за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3. Стефковски ветува носење на овие планови, за кои претходната власт немала слух.
– Агенцијата за планирање на просторот во планот за изработка и носење на Детални урбанистички планови ги има ставено двата блокови од ДУП за Вардариште. Ова беше барање на општината за кое поранешната Влада немаше слух. Информациите кои ги имам се дека интензивно се работи на изработка на плановите – вели Стефковски.

Но она за кое немаат спремен одговор е: каде ќе ги носат ромските семејства?
– Институциите работат на изнаоѓање одржливо решение кое ќе обезбеди соодветни услови за секое семејство. Потребно е решението да биде системско, безбедно и во согласност со законските процедури, а воедно да обезбеди трајна социјална поддршка. Процесите ќе се водат со почит кон достоинството на луѓето, во координација со сите релевантни институции – велат од кабинетот на Ѓорѓиевски. Според неофицијалните информации, веќе е почната процедура за иселување на Ромите, а после Нова година се планира дел по дел да заминат од бедните куќи полни со ѓубре. Но каде и како, не се знае.
Нов закон за бездомници

И додека се ветува дека решението ќе биде системско, институциите сè уште немаат ниту финансиска рамка колку пари од државниот буџет ќе треба да се потрошат за иселувањето на Ромите и колку би чинело затворањето на депонијата. Според неофицијални информации и како што се зборуваше на терен, Ромите веќе потпишувале некакви документи, но какви и за што – не кажаа ниту тие, ниту институциите.
Формирана е работна група која работела на текст на нов Закон за социјално домување. Вклучени биле претставници на институциите, а месецов се најавува јавна расправа за предлог-законот, кој треба да се донесе за прв пат. Работната група ја координира Министерството за социјала, демографија и млади, и во овој закон треба да го регулира третманот и живеењето на бездомните лица.

– На територија на град Скопје има неколку населби населени со бездомници. Министерството за социјална политика започна со процес на социјално мапирање на лицата кои се таму населени, за да може да се дефинираат активности за инклузија на овие лица. Во владина процедура е подготвената информација за состојбата на населените лица околу месноста Вардариште, во рамки на која се предвидува донесување на Акциски план за инклузија и решавање на проблемите на лицата населени во неформални населби, во кој ќе бидат опфатени повеќе критични локации во Скопје, меѓу кои се Вардариште, Визбегово и Ранка Милановиќ – велат од Министерството за труд.

Додека ромските семејства чекаат државата да им ја реши судбината, а околните населби конечно да ја видат чиста огромната депонија, Скопје веќе се искачува на врвот на листите на најзагадени градови во светот. Оние кои од блиску го дишат чадот од Вардариште, велат дека се помалку се пали таму, но се почесто на друго, блиско место до Вардариште – во поранешниот „Ранка Милановиќ“, кое последниве години стана депонија.



