На Струшките вечери на поезијата освен македонски и англиски, ќе се користат и албански и француски јазик

Повеќе од 30 поети од повеќе земји во светот го потврдиле своето присуство за 58. Струшки вечери на поезијата, информираше денеска дирекцијата на фестивалот.

Покрај добитничката на Златниот венец, романската поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на „Мостови на Струга”, младата хрватска поетеса Моника Херцег, според соопштенито од СВП, присуство потврдиле Рафаел Солер од Шпанија, Сачиданандан од Индија, Миа Лекомт од Италија, Иштван Кемењ од Унгарија, Јоргос Јанопулос од Грција… Ќе бидат претставени и поети од земјава меѓу кои и оние што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци”.

– Во рамки на изданијата на Струшките вечери, освен луксузната монографија за добитничката на Златниот венец, во завршна подготовка се книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга”, книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци” во превод на англиски јазик, четирите буклети на поетите во рамки на платформата Версополис, но исто така, во завршни подготовки е и тематската антологија во која ќе бидат претставени најреномираните македонски поети, соопшти дирекцијата на СВП.

Покрај традиционално востановените програмски содржини, кои се препознатливо обележје на СВП, предвидени се и нови програмски содржини што ќе придонесат за поголема отвореност и видливост на Фестивалот.

– Струшки вечери на поезијата има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните. Во таа насока дел од содржините, а особено главните фестивалски читања и комуникацијата со јавноста ќе вклучува повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик, се вели во соопштението.

Користењето на македонскиот и на албанскиот јазик, како што е наведено, е во корелација со владините јазични политики, со законот за јазици и во духот на новата стратегија за едно општество и интеркултурализам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот