На Македонија ѝ треба водство, а не референдум

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Не сакам тешки зборови, ама референдумски резултат што ќе ги сопре нашите преговори со ЕУ е рецепт за катастрофа. Државата може да ја сочуваме само ако се менуваме и ако конечно фатиме чекор со Европа и со светот. Без држава нема ни јазик ни нација.

Македонската држава ќе биде виновна ако запре процесот на пристапување, вели претставникот на ЕУ во земјава. Зошто би запрел? Затоа што дел од македонските политичари и интелектуалци, неуки и без искуство во државничките работи, не разбираат дека, како и во животот, и во меѓународната политика нема гаранции какви што посакуваат. Има само можности, шанси. Само што ни се укажа можност да се зафатиме со сериозна работа во исполнување на критериумите за членство, решивме да го проблематизираме целиот процес со референдум.

На Македонија не ѝ треба референдум, туку водство што може да произведе европска промена. Референдумот, како форма на директна демократија, само го поткопува толку потребното политичко водство во Македонија. На Балканот, особено за темата како што е нашата, ставање на големи политички одлуки директно пред гласачите значи само несреќа. Каков исход се очекува од референдум против „францускиот предлог“ кога се знае дека поголемиот број гласачи го отфрлаат?

Опозицијата бара референдум по теркот на претседателот на републиката, изјавува водачот на партијата на македонските националисти. Тоа е манипулација, одговара претседателот по неколкудневен молк, кој внесе забуна во јавноста за причините што го натерале да ја даде оваа невнимателна изјава. Сега, кога падна зборот, да се биде на линија на размислувањето на претседателот, може да значи дека опозициската партија би ја прифатила и неговата формулација за референдумското прашање: Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ? Претседателот е сигурен дека со вака јасно формулирано прашање, проевропската коалиција ќе ја победи антиевропската политика составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Но, што е сигурно во политиката? Свесен за тој факт, тој додава: ако не биде така, „сите ние кои сме на ова место ќе се повлечеме“… Сите? Мислам дека, доколку дојде до референдумско изјаснување, делумно и по вина на претседателот, доволно е тој да ја понуди својата оставка. Со тој чин ќе даде силна поддршка на Владата, која целосно ја отфрла идејата за референдум и се определува да води користејќи ги инструментите на претставничката демократија.

Страшен е бранот на незадоволство кон ЕУ на кој треба да му се спротивстави македонскиот политичар или интелектуалец. Бранот го сочинуваат, покрај мнозинството од народот, опозицијата и некогашни претседатели и високи партиски функционери дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации, финансирани од фондови на ЕУ и кој сè не. Сите тие, заедно со генијалниот пијанист Симон Трпчевски, кој некни во една скромна народна интерпретација го повика македонскиот народ да се свести и да не спие, како да имаат една зaедничка порака: државата да не потклекнува под меѓународни притисоци, да го одложи почетокот на преговорите и да чека време кога „достоинствено“ ќе бидеме примени во Унијата. Кога само би ја разбирале вистинската природа на меѓународната политика би размислиле барем двапати пред да изговорат ваква глупост. Или, кога само би имале работа со Путин, а не со Ван дер Лејен, многу бргу би виделе што е „достоинство“. Доволно е внимателно да ја следат руската агресија во Украина за да разберат дека на меѓународната сцена владеат законите на Дарвин за опстанок на најсилните и најспособните. Лично, гледајќи ја на ТВ-екранот војната во Украина, имам чувство дека следам една од оние епизоди на „Нешенл џиографикс“ кога лавот ја растргнува антилопата на парчиња. Само што, во случајов, една држава растргнува друга, а ние беспомошно и немо гледаме.

Не знам како ќе заврши иницијативата со референдумот, ама сметам дека е тоа многу лоша идеја, со кое било референдумско прашање. Триесет години од прогласувањето на независноста, предолго отсуствува секојдневно водство во разбирање и решавање на тешките меѓународни односи, прво со Грција, сега со Бугарија. Водство што ќе ги просветли умовите на луѓето загадени со историја, со омраза, со супремација, со сомнежи, со страв, за сега, на референдум, да се праша тој ист народ како натаму. Не сакам тешки зборови, ама референдумски резултат што ќе ги сопре нашите преговори со ЕУ е рецепт за катастрофа. Зашто државата може да ја сочуваме само ако се менуваме и ако конечно фатиме чекор со Европа и со светот. Без држава нема ни јазик ни нација. За таа висока цел вреди да се послуша советот на холандскиот амбасадор во Скопје до оние во земјата што не ја разбираат правата природа на меѓународната политика: „Затнете го носот, голтнете го францускиот предлог и чекорете напред“. Пред да му го тргнат микрофонот, прагматичниот Холанѓанец предложи низ преговорите и со финансиска поддршка од Унијата, со свои раце и ум да направиме Швајцарија од нашата држава, па за седум, осум години, да одбиеме да влеземе во ЕУ ако не сакаме. Неговите зборови ме потсетија на разговорот со Ханс ван ден Брук пред 30 години, кога холандскиот министер за надворешни работи ми рече: „Знаете, ние како нација на производители и трговци со сирење, би нашле компромис со Грција“. Каде ли му беше гордоста кога вака се изрази за сопствениот идентитет? Во способноста да се шегува на своја сметка и на сметка на својата нација.

Авторот е универзитетски професор и поранешен дипломат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот