На денешен ден е роден Галилео Галилеј: Како момче сакал да замине во манастир, но татко му го убедил да студира

Фото: Профимедиа

Галилео Галилеј е тоскански астроном, филозоф и физичар. Се смета дека го изумил првиот прост вид на телескопот, ги открил првиот и вториот закон за движењето и ги ширел Коперниковите погледи за поставеноста на Сончевиот Систем. Честопати се нарекува „татко на современата астрономија“, или „татко на науката“. Поради своите откритија Галилеј доаѓа во судир со Инквизицијата, при што е принуден да се откаже од своите ставови.

Галилеј е роден на 15 февруари 1564. Како момче, Галилеј сакал да замине во манастир, но татко му го уверил да студира медицина. Го посетувал Универзитетот во Пиза. Галилеј не се стекнал со титула на лекар туку, наместо тоа, сето време го минувал проучувајќи математика. Подоцна поучувал математика и станал професор по тој предмет на Универзитетот во Пиза.

Додека бил на универзитетот, Галилеј експериментирал со нишала, го проучувал паѓањето на предметите и и се посветил на астрономијата. Седејќи во катедралата, забележал голема бронзена светилка што се ниша на синџир поради провевот. Го измерил нишањето според својот пулс и се изненадил што секој замав трае исто, без оглед дали светилката се нишала неколку сантиметри или многу повеќе. Увидувајќи дека нишалото е правилен природен показател на времето, открил мал пулсиметар, а пред крајот на животот конструирал и часовник со нишало. Во 1592г. Галилеј се преселил на север, во Падова, каде што почнал долгогодишна врска со Марина Гамба. Тие никогаш не се венчале, но имале три деца. нивните две ќерки биле испратени во манастир, а синот Винченцо бил себичен и често го доведувал во неволја својот татко.

Фото:Профимедиа

Језуитите во Рим биле одушевени кога Галилеј им ги покажал месечините на Јупитер; топло го пречекале кардиналите, па дури и папата. но врз основа на овие месечини Галилеј почнал да застапува мислење дека Сонцето е во центарот на вселената, што во 1543 г. го тврдел и Коперник. Тоа значело дека Земјата со сигурност се врти околу Сонцето, што дирекно се судрило со Библијата. Инквизицијата во Рим го осудила Галилеј на доживотен затвор, иако казната подоцна била сменета во постојан домашен притвор во неговата вила во Арчетри. Умрел во 1642г., а папата Јован Павле II го помилувал во 1992г., полни 359 години по казната за ерес.

Во јуни 2010 година, Музејот на историјата на науката во Фиренца, на една аукција, ги купил палецот и средниот прст на Галилеј. Прстите, заедно со еден заб и дел од пршлените, биле исечени кога трупот на Галилеј бил префрлен од еден во друг гроб, во 1737 година.

Фото: Профимедиа

Додека живеел во Пиза, Галилеј извршил низа експерименти на движењето и инерцијата. Ја ставил под знак прашање претпоставката на Аристотел дека тешките предмети паѓаат побрзо од лесните, пропорционално на својата маса. Според преданието, Галилеј ја проверил теоријата фрлајќи топки со различна тежина низ накосена рамнина и утврдувајќи ја брзината на нивното паѓање. Според Галилеј, отпорот на телото кон менувањето на брзината – нивната инерција – бил важен концепт. затоа луѓето на површината на Земјата имаат впечаток дека не се поместуваат, иако Земјата се движи со огромна брзина, бидејќи нивната брзина се менува незабележливо.

Значајниот придонес на Галилеј бил во тоа што тој сфатил дека здравиот разум не е секогаш доволно објаснување за разните појави- внимателно набљудување и експерименти се исто така потребни за да се дојде до вистината.

На денешен ден е роден Бранислав Нушиќ, еден од најголемите југословенски писатели

На денешен ден е роден Алфред Нобел: Основачот на најпрестижната награда во светот

На денешен ден е роден Чарлс Дикенс: Пишувал само со сино мастило, а неговиот последен роман е мистерија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот