На Арсовска никако да ѝ се погодат директорите: За три дена објавени пет огласи, најновите за МКЦ и за „Водовод и канализација“

данела арсовска град скопје (4)
Данела Арсовска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во рок од три дена Град Скопје објави огласи за избор на директори на пет јавни претпријатија. Најпрво се бараа директори за ЈСП „Скопје“, „Градски паркинг“ и „Лајка“, а најновите огласи, објавени викендов, се за избор на прв човек во „Водовод и канализација“ и на јавната установа Младински културен центар.

Каква е потребата постојано да се именуваат, разрешуваат и прераспределуваат директорите од едно во друго претпријатие и каков е проблемот со актуелните, нема никакво објаснување од Град Скопје, ниту од управните одбори на претпријатијата и институциите опфатени на конкурсите. Но, од она што можеше да се види во речиси двегодишниот мандат на Данела Арсовска, кога се сменети повеќе од 30 директори е дека на градоначалничката тешко и се погодува некој на подолг рок.

Огласот за директор на „Водовод и канализација“, претпријатие со кое во моментов раководи Драган Илиевски, кој претходно беше директор на Зоолошката градина, трае само 7 дена од објавувањето, што значи до крајов на неделата, па заинтересираните кандидати имаат кусо време да ги соберат и достават потребните документи. Во огласот стои дека директорот се избира со мандат од 4 години, исто како што беше посочено во огласот објавен во јули годинава, со кој исто така се бараше директор на ова јавно претпријатие. На оваа функција остана Илиевски, откако претходно седум месеци беше в.д. директор. На официјалната страница на претпријатието сега пишува дека тој е генерален директор. Што се случи во изминатите два месеци за повторно да се објавува оглас за прв човек на „Водовод и канализација“ не е познато.

Девет месеци в.д. директор на МКЦ е дипломираниот детектив, Никола Алексов, чие назначување и разрешување на дотогашниот Ванчо Алексов, предизвикаа неколкудневни протести на дел од вработените, но и на вљубениците во културата и поддржувачите на независната културна сцена.

За ова расправаше и Државната комисија за спречување на корупција од каде како незаконски ги оценија назначувањата на в.д. директорите на МКЦ и на Зоолошка градина. Антикорупционерите донесоа и одлука за поведување кривична постапка против градоначалничката Арсовска која ги именуваше како и против именуваните кои свесно постапувале спротивно на законските одредби.

Според ДКСК грешката на Арсовска е дека спротивно на законот во МКЦ и Зоолошка именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура, кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот