МЗТ Скопје Аеродром во последната четвртина го скрши отпорот на Работнички

фото: KK MZT Skopje Aerodrom

Бранителот на титулата во Првата македонска кошаркарска лига МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1:0 во полуфиналната плеј-оф серија откако во СЦ „Јане Сандански“ во градското дерби го совлада Работнички (82:71). Вториот дуел од серијата ќе се игра в среда, кога составот од Аеродром ќе ја има првата шанса за пласман во финалето со оглед што се игра до две победи.

Мошне тврдо се играше од стартот, по првите 10 минути водство имаше Работнички од 16:13. Во вториот период, нешто повисока ефикасност на двете страни, ривалите се менуваа во водство, и таа слика беше репризирана до онаа последна минута на првото полувреме. „Сино-белите“ се одвоија на „плус шест“ (34:28), кој го намали Малешевиќ и постави „отворен резултат“ (34:30) во корист на бранителот на титулата.

Со тројката на Кефи, МЗТ дојде до најголемата предност на мечот (48:40), како потврда плус на далеку подобриот квалитет, макар и во поглед на ефикасноста, на премиерниот натпревар од полуфиналната серија. Истата разлика ја имаа и пред крајот на тој дел од играта (56:48), пред да погоди Ѓелетовиќ и да постави 56:50 на семафорот по 30 минути. „Црвено-белите“ имаа подобро отворање на четвртината на одлука. Во нешто повеќе од една минута Ѓелетовиќ и Малешевиќ ги реализираа првите два напади за 54:56, и тајм-аут на тренерот на МЗТ Скопје, Атанасов.

Не толку успешен, затоа што расположениот Ѓелетовиќ погоди и шут за три поени за само поен негатива (57:58) за Работнички. Но, „металците“ успеаја да го одбијат тој сериозен напад на противникот. Прво, преку поените на Вер и на Кук (62:57), а потоа своја серија имаше капитенот Д. Стојановски, кој практично самиот, во неполни две минути, донесе и прво двоцифрено водство за шампионот (69:57) во 35 минута.

Тука некаде како да беше скршен отпорот на Работнички, по забивањето на Кук, МЗТ Скопје имаше уште поголеми, и тешко достижни 73:60, за реакција на Димитар Мираковски. Таа висока негатива се покажа и како недостижна за Работнички во оваа серија, која за неколку дена, на свој терен, во СРЦ „Кале“, ќе има шанса за реванш.

За МЗТ прв стрелец беше Д. Стојановски со 14 поени (11 скокови), а за Работнички Ѓелетовиќ блескаше со 19 поени (девет скокови).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ – ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ – ПРВ НАТПРЕВАР

МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 82:71 (1-0)

14 МАЈ (НЕДЕЛА):
18.30: Пелистер – ТФТ Mozzart
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот