МОН: Над 90 отсто ученици успешно следеа онлајн-настава – моделот продолжува

Почната новата училиштна година/ Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

 Континуитет на наставата во второто полугодие по веќе воспоставениот успешен модел од првото полугодие е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје. Со овој модел никој не е изоставен од наставата, а се покажа како оправдан и успешен и затоа не треба да се менува. Веруваме дека Сојузот на средношколци и останатите матурантите ќе ја почитуваат оваа одлука на Комисијата за заразни болести спроведена од МОН и сите заеднички ќе придонесеме за зачувување на јавното здравје, соопшти Министерство за образование и наука.

МОН наведува дека првото полугодие заврши успешно со хибридниот модел на настава – со  над 90 отсто ученици кои успешно следеа онлајн-настава, помалку од 1 процент активни случаи со КОВИД-19 на наставници и ученици во наставата со физичко присуство, според однапред утврден распоред се емитуваа часовите на македонски и албански јазик на МРТ, а на децата без ИТ-уреди наставниците им доставуваа материјали и го следеа совладувањето на материјалот.

-Наставата течеше според планот, а оценувањето заврши навреме. Исто така потсетуваме дека полагањето на државната матура е заокружување на образовниот процес и е задолжителна за упис на сите високообразовни институции. Освен државната матура, со Концепцијата за полагање матурски испити предвидена е можноста за полагање училишна матура, за ученици што нема да го продолжат своето образование на факултетите. Учениците од сите средни училишта до 31 декември ги завршија своите законски обврски и уредно ги пријавија испитите за полагање на државната матура, посочува МОН.

Истовремено, според планот, додава Министерството, се реализираат и подготовките за изработка на проектните задачи кои учениците ги изработуваат во соработка со своите избрани ментори, професори од соодветните области, а формирани се и училишните комисии кои работат на системот на организација и реализација на матурските испити.

– Исто така, Државниот испитен центар веќе ги заврши постапките околу составувањето на државните матурски комисии и тие  ги креираат прашањата по сите предмети, а во согласност со скратените наставни програми и условите во изминатиот период.
Министерството за образование и наука заедно со средношколците започнува процес за промени во концепцијата на државната матура. Променетиот начин на полагање би се применувал од учебната 2021/2022 година, а ќе се прави во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците, информира Министерството за образование и наука. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот