Момент за историја: Надал, Федерер, Ѓоковиќ и Мареј ќе играат во ист тим

Новак Ѓоковиќ и Рожер Федерер ќе играат во ист тим на Лејвер Купот/фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Новак Ѓоковиќ се приклучи на ѕвездениот тим на европската репрезентација која ќе игра против остатокот од светот на петтото издание на Лејвер купот што ќе се одржи од 23. до 25. септември во „О2“ Арената во Лондон, објави организаторот.

Така, за првпат во историјата во ист тим ќе се најдат Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, четворица тенисери кои доминираат во последните 20-тина години.

– Ова е единственото натпреварување каде можам да играм заедно со тенисери кои ми се ривали. Приклучувањето на Рафа, Рожер и Енди кои се моите тројца најголеми ривали, ќе биде единствен момент во историјата на нашиот спорт – изјави Ѓоковиќ.

Големата тениска тројка заедно освои 63 гренд слем титули, Надал има 22 титули, Ѓоковиќ 21 и Федерер 20, додека Мареј токму поради „големата тројка“ не успеа да освои повеќе од три титули во своите 11 финалиња на четири најголеми турнири.

Мареј ќе дебитира во европскиот тим на Лејвер купот во Лондон, Надал треба да игра по трет пат, а Ѓоковиќ беше дел од тимот под водство на Бјорн Борг во 2018 година. Роџер Федерер, кој е еден од основачите на ова натпреварување, само поради повреда го пропушти минатогодишното издание.

– Не можев ни да замислам дека ќе ги имам овие четири икони на нашиот спорт во ист тим. Знам дека тие, како мене, ја ценат важноста на овој момент и дека навистина ќе бидат мотивирани – изјави европскиот селектор Бјорн Борг кој подоцна ќе повика уште двајца тенисери во тимот.

Селектор на остатокот од светот е Џон Мекинро, а на неговиот список во моментов има три имиња: Канаѓанецот Феликс Оже Алиасим, Американецот Тејлор Фриц и Аргентинецот Диего Шварцман. За остатокот од светот, Американецот Џон Иснер и Австралиецот Ник Кирјос играа во сите четири претходни изданија.

Тимот на Европа победи на сите четири досегашни дуели со остатокот од светот, на првото издание од Лејвер купот во Прага во 2017 година беше 15-9. Во Чикаго во 2018 година Европа победи со 13-8, а најнеизвесно беше во 2019 година во Женева кога Европа славеше со 13-11. Минатата година во Бостон Европа победи со 14-1.

Во секој од трите дена се закажани три меча во сингл и еден натпревар во двојки. Победите на првиот ден носат по еден бод, вториот ден два, а третиот три бода. Првиот тим што ќе собере најмалку 13 поени е победник на Лејвер купот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот