Моќта на граѓанинот, гласот и на заедницата

Марин Гавриловски

Дали предлогот на министерот може да се надополни со идејата неодамна даденото покачување на платите на функционерите од 78% да се пренасочи како надоместок за хирурзите и на другиот медицински персонал што за време на викендите би оперирал со цел да се намали листата на чекање на пациентите што имаат потреба од оперативен зафат?

Неодамна наименуваниот министер за здравство Фатмир Меџити деновиве ги повика македонските хирурзи да го следат примерот на нивните колеги од Ниш, Србија, и да изведуваат операции за време на викендите, сè со цел да се намали листата пациенти на кои им е неопходна хируршка интервенција, а притоа да не бараат да им се исплати надоместок.

Ќе речете, хуман предлог на министерот за здравство пациентите да се стават на прво место и да се намали времето на чекање за операции, време кое понекогаш не е доволно пациентите да го преживеат периодот од закажување до реализација на зафатот. Хуман предлог, да, но доколку тој произлезе од оние што се најзасегнати, здравствените работници, кои доколку сметаат дека практиката на нивните српски колеги е правилна, можат самите да ја предложат и да ја реализираат таа идеја. Вака, лесно е во име на друг да се предлага нешто, а самиот предлагач за тоа да нема никаква одговорност ниту обврска или, што би рекле постарите, „сто стапа по туѓ грб не болат“.

Покачувањето на платите на функционерите да се пренасочи кај лекарите

Улогата на граѓанинот и на заедницата во модерните општества, помеѓу другото, е и да бидат коректори на работата на државните институции и функционери, да даваат предлози и начини како да се надминат проблемите со кои се среќава државата. Секако, здравството и неговото функционирање се многу значаен сегмент во функционирањето на секоја држава, па така е и кај нас. Но, од осамостојувањето до денес процесот на деградација на државниот здравствен систем (на сметка на приватниот), вклучително и на вработените во државните здравствени институции од ден на ден е сè поизразен. За негово доведување во некоја прифатлива нормала треба да се работи многу повеќе отколку во име на здравствените работници да се даваат предлози, што многу малку ќе ја подобрат состојбата во здравството.

Претпоставувам дека и голем број хирурзи во државава немаат проблем со тоа да работат и за време на викендите со цел да им помогнат на своите пациенти. Во суштина, хуманоста е главна карактеристика (или барем така треба да биде) на секој што одлучил да се занимава со оваа одговорна професија. Но, дали постои можност општеството да им се оддолжи на хирурзите кои евентуално би го прифатиле предлогот на министерот?

Ќе дадам еден предлог, поттикнат од изјавата на министерот за здравство, и верувам дека ќе може да се протолкува како начин на кој државата би им го компензирала на здравствените работници изгубеното време за викендите.

Дали предлогот на министерот може да се надополни со идејата неодамна даденото покачување на платите на функционерите од 78% да се пренасочи како надоместок за хирурзите и на другиот медицински персонал, кој за време на викендите би оперирал со цел да се намали листата на чекање на пациентите што имаат потреба од оперативен зафат?

Функционерите и така, во споредба со другите граѓани, земаат високи плати, па неземањето на покачувањето нема да се одрази многу на нивните буџети. Од друга страна, тие средства, доколку се пренасочат кон здравствените работници, ќе значат правичен надоместок и за нивниот труд и за времето што нема да го поминат со своите семејства за време на викендите.

Поддршка од целата јавност

Мислам дека овој предлог е правичен и добар. Па сакам да побарам поширока општествена поддршка за да се реализира. Доколку се согласувате со тоа, откако ќе го прочитате овој текст, ве молам да го споделите на социјалните мрежи, со своите пријатели и познајници, за тоа да зборувате со соседите и со семејството сè со цел оваа иницијатива да добие што поголем замав.

Претставниците на медиумите ги поттикнувам овој предлог да им го постават како прашање на министрите и на другите функционери од сите политички партии и да побараат да се изјаснат за него. Исто така, предлагам Лекарската комора да застане зад овој предлог и да го популаризира.

Нека биде ова еден своевиден експеримент за тоа колку граѓанинот, како поединец, и заедницата може да застанат зад еден, верувам добар предлог за тој да се реализира во интерес, пред сè, на граѓаните, а тие се и пациенти и лекари и медицински персонал.

Еве, уште мастилото на овој текст не се исушило, до мене пристигна информацијата за смена на еминентниот кардиохирург Сашко Јовев од неговата позиција директор на државната кардиохирургија од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити. За хирургот Јовев е излишно да се коментира за неговата стручност и посветеност на работата; за тоа посведочија членовите на колективот на кардиохирургија и живите и здравите пациенти, кои благодарение на Јовев и на неговиот тим живеат свој нов, нормален живот. Дека политичарите се „авангардни“ во своите размислувања и потези говори и чинот на министерот Меџити; правдајќи ја својата одлука со сувопарен, административен речник, од контекстот не е тешко да се забележи вулгарно практицирање власт и политичка моќ. Земајќи предвид дека Јовев уште утре може да замине од земјава во некоја од светските кардиохируршки клиники и да биде она што е – лекарска ѕвезда и светски стручњак, сто пати поплатен, попочитуван и уважуван, а со тоа истовремено ќе се „растури“ неговиот локален, лекарски тим во Скопје, штетата по здравствениот систем на Македонија нема да биде изразена само во пари, во губиток на стручност и слично, туку, по илјадити пат, ќе се покаже и докаже дека со доверувањето функции на, најблаго кажано, нестручни лица не сакајќи стануваат господари на животот и на смртта во нашата земја.

Граѓанството да го подигне гласот

До овде сме стигнати затоа што за будалите и за сличните на ним употребуваме еуфемизми; наместо да ги наречеме со името кое го заслужуваат – будали, неспособни, недоветни и сл., најчесто употребуваме зборови или формулации со бенигно значење и на тоа завршува сè. Затоа метрологијата и метеорологијата на некои им звучи исто, затоа еден од министрите за здравство од претходните влади, по образование правник, им држеше предавања на лекари над кукла како се оперира, лечи итн. Да не станува збор за нашето здравје и животи, сево ова би поминало како црн хумор, но кога станува збор за вистинска случка, чувството на горчина и бес е немерливо. Посегнувањето по националните или по партиските наративи и разноразните оправдувања пред јавноста во овој момент само може дополнително да ја дразни и онака вчудовидената јавност. Глупоста нема ниту вера, ниту нација, ниту партија; таа сама по себе постои и вирее во изворна форма, додека некој не и застане на пат или не се потроши и онака истанчената трпеливост на граѓанството.

Затоа нашето граѓанство треба да го подигне својот глас против секоја глупост и силување на логиката; политичарите навидум се заштитени мечки. Од народниот глас и бес никој од политичарите не успеал да куртули. Впрочем, секој што има здравствен проблем не оди по чаре кај носителите на власта или кај опозицијата, туку кај најстручниот во таа област, тој да им го реши проблемот.

По сето количество глупост во изминатиов период, наспрема животите што на некои им висат на конец, кому му е до темата за 78%? Јас својот глас го подигнав, а вие?

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот