Антонијо Милошоски / Фото: „Слободен печат“

Милошоски за „Слободен печат“: Сѐ уште не може да се закаже собраниската расправа за Бугарија

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски вели дека се уште немаат одговор од МНР од каде ги побарале дополнителните документи што владите на Зоран Заев и Бојко Борисов ги преговараат во прилог на Договорот за добрососедство. Без тие документи, вели пратеникот, не може да се закаже седницата на која министрите за надворешни работи Бујар Османи и за евроинтеграции Никола Димитров треба да дадат отчет за што се разговара со Бугарија.

– Досега неколку пати ја закажував седницата на комисијата за надворешни работи за да се расправа за преговорите со Бугарија, но министрите не доаѓаа, а пратениците од власта не обезбедуваа кворум за работа. Тогаш како документи во прилог беше објаснувачкиот меморандум со кој Бугарија ја претстави својата позиција за Македонија пред ЕУ. За да ја закажам оваа седница побарав од МНР да ни бидат доставени дополнителните документи од разговорите, дали анекс, нон-пејпер, акциски план, сеедно како се викаат, кои пратениците треба да ги разгледаат пред седницата. Иако Владата неодамна одобри да се расправа на ова тема во Собранието, нема одговор од службите на МНР – вели Милошоски за „Слободен печат“.

Тој додава дека неодамна добил општ одговор од министерот Османи кој изразил расположение да има почести средби и тематски седници во рамките на Комисијата за надворешна политика, но засега нема ништо конкретно.

– Оваа тема нема да исчезне и пожелно е да има собраниска расправа затоа што создава многу тензии. Што е спорно во тоа? Бугарските министри кои се вклучени во преговорите со Македонија, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов досега три-четири пати реферираа пред нивните пратеници за разговорите со македонските претставници – вели Милошоски за „Слободен печат“.

Владата пред десетина дена најави дека ќе има собраниска сесија на која ќе се расправа за преговорите со Бугарија, но засега ништо конкретно не се случува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот