Мила не потсети дека политиката не е најважната работа на светот!

Вчера беше недела, ден за одмор и релаксација и за полнење на батериите пред претстојната работна недела. Серии, филмови, прошетки со пријателите или едноставно безделничење, се некои од активностите на кои им го посветуваме своето време во седмиот ден од неделата.

Недела, иако е ден за воздишка од обврските, обично ни е здодевна и не се случува ништо спектакуларно. Но, во текот на вчерашните попладневни часови, тоа не беше случај.

Македонската, но и светската публика, можеше да ужива во 17. издание на детската Евровозија, која се одржа во Гливице, Полска.

Македонија е редовно присутна на оваа музичка манифестација, па додека ние ја „решаваме“ политичката ситуација  во државата, оние најмалите од кои се почнува, ни го белат образот пред светската јавност и ја претставуваат Македонија во најдобро можно светло.

Оваа година тоа го направи Мила Москов, 14-годишното девојче со неверојатен талент. Иако исплашена и сама на сцената, Мила не дозволи тремата да ја победи, напротив, го покажа целиот свој потенцијал и со песната „Fire“ предизвика делирум на сцената.

Мила заврши на шестото место, што не е најдобар успех кога станува збор за детските евровизиски настапи на Македонија, меѓутоа секако дека е голем подвиг, ако се земе предвид дека на натпреварот учествуваа вкупно 19 земји.

За детските евровизии се пишува, им се посветува внимание, но минимално, чисто колку да се каже дека се одржало некакво музичко натпреварување во кое учествувала и Македонија.

Од друга страна, кога станува збор за онаа „вистинската“ Евровозија за возрасни, испреплетена со толку многу политики и контроверзи, сите се интересираат. Иако и тоа шоу одамна го загуби сјајот, сепак и натаму овој настан е далеку поинтересен за јавноста.

Евровизијата е настан во кој соседните држави едни на други си даваат најмногу поени, политичките препукувања се неизбежен дел, а музиката е во втор план. Се ипраќаат музичари кои веќе се „испеана песна“, а сепак за нив се зборува многу.

Не е дека на Евровизијата за возрасни нема квалитетни музички парчиња и дека се е „крш“, едноставно станува збор за тоа дека детската Евровизија е многу поискрена, неисполитизирана, а сепак толку малку експонирана.

Ако само погледневте дел од настапите на дечињата кои вчера излегоа на сцена со целиот свој талент и креативност, ќе сфатите за што ви зборувам.

Кога Тамара во мај ја претставуваше Македонија на Евровизија и го освои историското и најдобро седмо место, целото внимание на јавноста се сврте тука, донекаде и со право.

Но, жално е што многу малку се зборуваше за песната која оствари фантастичен успех, уште помалку за вокалните способности на Тамара. Напротив, ние повторно најдовме начин да ја вмешаме политиката во сето ова, како што тоа обично и најдобро го правиме. Па така, по настапот на Тамара, следеа еден куп драми и расплети, како да глумела во некоја шпанска сапуница, а не како да настапувала на елитен музички настан.

Вчера, тоа го немаше, децата пееја од срце. Мила со гордост излезе на сцената и ја претстави Македонија, неинтересирајќи се воопшто за придавката „Северна“, која би можела да им го „загрози“ животот на нејзините сограѓани.

Поентата е јасна, децата се искрени, чисти, тие преку својот талент се трудат да го достигнат максимумот, а ние не им го посветуваме потребното внимание, па со текот на времето и тие стануваат дел од толпата.

Нека вчерашниот храбар настап на Мила ни биде лекција и школо дека од најмалите имаме многу да учиме, бидејќи на нив политиката не им е важна, тие од срце го даваат својот максимум, а до нас е како тоа ќе го искористиме (злоупотребиме) во иднина. До нас е и тоа дали нивниот талент ќе ни донесе подобро утре или и натаму ќе тонеме во бесмислените води на политиката, само за да храниме нечии ега, притоа останувајќи празни во душата.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот