Михајловски: Вардар ќе остане ракометен бренд

фото: СЕХА

Михајло Михајловски, поранешниот финансиер и сопственик на РК Вардар, нема да го остави тимот на цедило. Македонскиот ракометен шампион се соочува со финансиска криза откако сопственикот Сергеј Самсоненко најави заминување на крајот од сезоната.
Меѓу првите кој се јави по апелот на навивачите за спас на Вардар, е токму Михајловски кој соопшти дека веќе разговарал со неколку компании за составување на респектабилен буџет, но и дека побарал од сегашната управа на клубот да не дава раскин на договорот на актуелните ракометари кои се „врзани“ и за наредната сезона.

Соопштението на Михајло Михајловски го пренесуваме во целост:

„Почитувани спортски пријатели и поддржувачи на РК Вардар,

Како почесен претседател на РК Вардар и долгогодишен спонзор кој веќе 31 година е инволвиран во спортот што е број 1 во Македонија тешко ги прифатив најавите дека клубот се наоѓа во тешка ситуација. Секогаш сум бил со клубот и секогаш сум сакал да биде во самиот врв. Затоа сакам што побрзо да се најде решение за натамошно опстојување на клубот и продолжување со успесите што ги постигна во изминатиот период.

Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш натпреварот од четврт-финалето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници. Така ќе покажат дека Вардар е македонски, но и европски бренд и по третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн, што досега не и успеало на ниту една европска екипа.
Изминатиот период добивав многу повици и молби за спасување на РК Вардар.  Имав и разговори на таа тема со 5-6 стопанственици, бизнисмени кои сакаат и можат да го помогнат РК Вардар.

Постои и големо разбирање и расположение кај Градот и надлежните спортски и владини институции за изнаоѓање решение за продолжување на успешната ракометна приказна што ја имавме изминатите години. Добив позитивни сигнали дека сите заеднички да најдеме решение и Вардар ќе продолжи да биде успешен клуб.

Се уште не сум се слушнал со г-дин Сергеј Самсоненко, но секако би сакал да поразговарам и да ги знам неговите планови за во иднина. Сакам да истакнам дека г-дин Самсоненко е најзаслужниот човек што Македонија доби европски првак во ракомет и редовен учесник во ЛШ во самата завршница. Кога пред шест години му го дадов клубот на г-дин Самсоненко на прес-конференција кажав дека најголемото засилување е токму тој. Тоа на моја среќа се оствари.

Г-дин Сергеј Самсоненко го постигна ова со клубот и сите треба да му дадеме признание за она што го стори. Само тој си ја знае вистината, а имаше минимална помош во изминатиот период од спонзорите. Во еден разговор со г-дин Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање на исписници.
Како долгогодишен спонзор убеден сум дека ќе се најде решение РК Вардар да опстане и да продолжи и понатаму да биде македонски првак, победник на СЕХА и редовен учесник во ЛШ.

Истовремено упатувам апел до сите компании кои сакаат Македонија да има и натаму европски тим да се приклучат кон оние што веднаш го препознаа квалитетот и брендот наречен РК Вардар.

Доколку успееме во намерата да се спаси Вардар, костурот од сегашната екипа треба да се задржи и да се обезбедат минимум 5-6 македонски репрезентативци или потенцијални репрезентативци и постепено да се создава и костурот на македонската репрезентацијата.
Верувам дека и во иднина ќе продолжиме да се радуваме на успесите на Вардар.

Еден живот – една љубов
Михајло Михајловски
Почесен претседател на РК Вардар“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот