Меџити не е заинтересиран да го замени Ахмети на чело на ДУИ

Изет Меџити, ДУИ, Фото: Слободен печат/Архива

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити тврди дека не е заинтересиран да биде лидер на партијата и да го замени Али Ахмети. А токму поради Ахмети и евроинтеграциите гласал за оваа Влада.

– Дваесет години сум во оваа партија и континуирано ѝ носам победа на партијата во местото каде што сум, немам ли право да кажам кога некој некаде ќе згреши? Оваа Влада е формирана пред две години и оттогаш ги искажувам моите критики за оваа извршна власт и јавно пред Собранието кажав дека ќе гласам за оваа Влада само поради Али Ахмети и поради европските интеграции. Во принцип, јас бев против, гласовите на терен се собрани со Али Ахмети и оваа извршна власт не се соочуваше со граѓаните, значи нема легитимитет кај граѓанините. Исто така, оваа извршна власт ги нема поминато филтрите на партиските органи, односно во генералниот совет – изјави Меџити синоќа во емисијата „Клик плус“ во ТВ 21.

Тој додаде дека тие немаат друга агенда и алтернатива, како и дека не се поттикнати од никого. Според него, немаат проблем со Ахмети како претседател на партијата, туку, како што вели, имаат проблем кога неговиот лидерски имиџ бледнее и некој со пропагандни методи, во овој случај Артан Груби ,одговара во негово име.

– Никој не нé поттикнува. Тоа е гласот на граѓанинот и нашиот чист и искрен глас. Дали ќе не толерира Али Ахмети? Тој може утре да излезе и да каже дека овие момци биле добри до вчера, но денеска го прекршија статутот и да ги исклучи од партијата. Не можеме да ги прејудицираме работите. Ќе се обидеме со демократски методи, со анализи, со ревизија да му кажеме дека нашиот претседател треба да размислува. Мора да го слуша гласот на граѓанинот и мора да направи промена за да оди напред – вели Меџити.

За можноста албанската опозициска партија Алијанса за Албанците да стане дел од владината коалиција, Меџити со став дека сето ова се прави за „замолчување“ на таканаречената „огнена групата“. Математиката покажува дека 64-те пратеници се доволни власта да функционира и во последната година од владеењето, а со влегувањето на Алијанса за Албанците поак нема да се стигне до 80 пратеници.

– Секој пратеник Албанец, без разлика дали е од власта или опозицијата ќе гласа за уставните измени. Овде е многу јасно дека е како народната: „за инает на снаата, да ми умре синот“. Во состојба сме да ја внесеме Алијанса за Албанците во Влада за да се замолчи „огнената група“ или некоја друга огнена група во други субјекти – вели Меџити.

Според него, не е здраво вклучувањето на Алијансата за Албанците во Владата и тоа е тенденција да се уништи албанската опозиција.

Меџити ја коментираше и вчерашната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со други функционери од ДУИ во Битола, и рече дека оваа посета која доаѓа пред најавената посета на „огнените“ во овој град за в сабота во 19 часот, е недолична.

Превирањата почна откако членови на ДУИ на 24 септември во отворено писмо обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, според нив, станало индивидуално.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот