Маж хоспитализиран со ковид-19 во Струга, се вратил од патување во Занзибар, Африка

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Директорот на болницата за нефрологија во Струга, доктор Александар Попоски, за „Слободен печат“ потврди дека од Битола му бил препратен пациент кој бил на патување во Занзибар, Африка и потоа со позитивен корона тест завршил в болница, исто како и неговата сопруга која била хоспитализирана во Скопје.

Не се завршени анализите во МАНУ кои треба да потврдат или да негираат дека станува збор за јужноафриканскиот сој на коронавирусот.

-Има еден пациент кој ненајавено дојде од Битола. Во петокот слетал во Истанбул од Танзанија. Во Занзибар бил 15 дена со сопругата и два дена пред да си дојде во Македонија кренал температура. Во нашата болница дојде со висок креатинин и потврден на коронавирусот. Кога го донесоа од битолската болница не ни кажаа дека патувал во Африка. Вчера инсистиравме да се префрли во Скопје во ГОБ „8 Септември“. Остана тука, уште не сме го вклучиле на дијализа, засега е стабилен и добра му е сатурацијата. Информацијата дека заедно со сопругата биле на патувањето ја добивме отпосле. Жената со симптоми е хоспитализирана во Скопје, ни рече доктор Попоски.

Болницата уште утре ќе испрати материјал во МАНУ да се види дали се работи за јужноафриканскиот сој. Направен му е брз тест пред хоспитализацијата во Струга.

Егзотично патување во рајскиот Занзибар, на какво што периодов одат десетици туристи од Македонија, може да го донесе јужноафриканскиот сој на коронавирусот во земјава.

Хрватските здравствени власти веќе потврдија дека имаат коронавирус од јужноафриканскиот сој благодарение на овие патувања во Африка, но тоа за нашите туристички агенции не претставува проблем да организираат двонеделни патувања на рајските песочни плажи.

Две лица што се вратиле во Хрватска од патување во Занзибар, какво што организираат и нашите туристички агенции, уште по пат развиле тешки симптоми па веднаш биле тестирани, нивните материјали испратени на анализа и потврдено било дека се заразени со овој тип на коронавирус. Јужноафриканскиот сој го нарекуваат „панцир-вирус” зашто лесно може да ги совлада дури и оние кои веќе го прележале стариот сој на вирусот и прашање е дали вакцината штити од него.

„Африканецот може да го споредите со куршум што го пробива панцирот, кацигата и секоја друга можна заштита. Јужноафриканската варијанта е потврдена кај две лица што неодамна се вратиле во Хрватска од Африка, од Занзибар, изјави епидемиологот Горанка Петровиќ додавајќи дека кај оваа варијација на вирусот тој предизвикува да нема имунолошки одговор, како и дека еднаш инфицираните со коронавирусот може да заболат повторно од новиот сој.

Повеќе од 6 месеци властите на Танзанија го убедуваат светот дека немаат случаи на коронавирусот и дека исцелувањето настапило благодарение на молитва. Ова се случува и покрај тоа што инфекциите таму растат, а смртните случаи поради пневмонија исто така се во пораст.

Но туристите навалија на архипелагот, каде нема никаккви превентивни мерки, ниту маски ниту социјална дистанца. Единствено римокатоличката црква во Танзанија ги предупреди своите верници да се заштитуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот