Мали к*риња се борат со ножеви

Фото: Слободен печат

Некаде на средината од летото пред некои 30 години, заседнати на травертинското ѕидче позади зграда на една маалска бараба му се пофалив со мојот тазе набавен „скакавец“. Со доза на воодушевеност ги следев неговите спретни раце, како го активираат механизмот и како стручно го балансираат ножот, ценејќи го квалитетот на оружјето по тежината на сечивото и дршката.

– Добра изработка, од каде ти е – ме запраша тој откако заврши со проценувањето на „скакавецот“.

– Од еден другар – одговарам јас неодредено.

– Види мали – со продорен и помалку рапав глас ја започна лекцијата – не ти треба ова. Ако не знаеш да се тепаш, тогаш немој да се тепаш. А и да те нападне некој, најстрашното што може да се случи е да изедеш ќотек. Ножевите се за мали к*риња.

Да, ножот в џеб може на секого да му донесе лажна храброст, да му донесе чувство на безбедност и спокојност додека минува низ „непријателска“ територија. Не треба да нè чуди тоа што адолесцентите се насилни и не треба тоа да го припишуваме на модерното време. Насилството беше составен дел од растењето пред 30 години, а така било веројатно и пред 300 години. Тоа е особено изразено кај момчињата, кои со своите слаби и неразвиени тела, сакаат да дадат впечаток дека се возрасни мажи. Желбата за докажување е инстиктивна и природна. Неприродно е оружјето.

Сите нормални граѓани во нашата земја се потресоа од смртта на 17- годишниот Никола Христовски, кој по претходна расправија беше фатално прободен со нож, од негов врсник од друго маало. „Скакавецот“ му пресуди на младиот Никола, придвижуван од друго младо момче, кое уплашено од тоа што оди во туѓа средина решава да се појави вооружен. Доколку се вистините и шпекулациите дека убиецот ѝ припаѓа на малцинска национална заедница, тогаш и неговиот страв од „непријателската територија“ бил поголем. Додека се подготвувал да се упати кон Ново Лисиче, сигурен сум дека срцето забрзано му чукало. Можеби добил и болки во стомакот, гасови и нагон за голема нужда. Решил да не оди сам, па го повикал својот другар, но не се смирил додека со себе не го понел и „скакавецот“. Убиецот веројатно не го добил истиот совет како и јас, дека „ножевите се за мали к*риња“, дека не е страшно да те истепаат и дека лажната храброст што оружјето му ја дава на човекот е рецепт за катрасофа со трагични последици.

Точно е дека пред 30 и повеќе години светот беше поедноставен и лишен од сеприсутната технологија. Мора да се признае и дека деновите минуваа многу поспокојно и дека тензијата беше сведена на минимум. Но и тогаш не беше препорачливо да имаш девојка од Мичурин, зошто откако ќе ја испратиш навечер до дома, треба да поминеш низ темните улички каде те демнат секакви опасности. Постои опција никој да не те види, а ако те видат и не успееш да избегаш тогаш ќе го јадеш. Но никој не се плашеше дека ќе биде прободен, прострелан и не знам како повреден. Два три шамара, по некоја заушка и клоца. Лошо за суетата, но без здравствени последици.

Оваа идила беше прекината неколку години подоцна, пред или по одржувањето на првите локални избори во Македонија. Плурализмот донесе демократија, но и тензија од плуралистичкото известување на медиумите, што во пракса значи дека секој медиум известува во корист на својот спонзор. Луѓето почнаа да се делат, да внимаваат што зборуваат и со кого зборуваат, но и да агитираат и да бараат предавници зад секој агол. Во тоа лудо време, се случи еден крвав инцидент, кога едно момче од моја генерација уби друго момче од друго маало со нож. Беше напданат од седум или осум врсници и наместо да клекне и да ја заштити главата од ударите, тој извади голем војнички нож, народски познат како „Рамбо“ и му го распори стомакот на еден од тепачите, кој почина речиси во истиот момент. Тоа резултираше со смрт на едно дете, а другото помина седум години во пеколот на „Идризово“.

Во меѓувреме ништо не се смени. Плурализмот и натаму си „гази“, а медиумите го усовршија партиското додворување, па луѓето подделени во табори и племиња воопшто и не размислуваат да се разоружаат. Крвавите вооружени тепачки се симптом на болеста која ги има зафатено сите органи на нашето општество и нема да исчезнат сè додека не се пронајде лекот од кој боледува целиот организам.

На најтоплиот ден од годината до нас допреа солзите на мајката на Никола, солзи кои печат најсилно и кои се непресушни.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот