Маките на пациентите кои чекаат преглед не завршуваат: „Мој термин“, нема термин

Информацијата дека после пет месеци се става во функција системот за закажување на прегледи „Мој термин“ ги наполни ординациите со пациенти кои се обидуваат да закажат преглед и ги вжешти телефоните на матичните лекари. Но најголем дел од обидите за закажување на прегледи, не вродија со плод, бидејќи слободни термини нема. Пациентите кои имале среќа и закажале преглед, добиле термини за втората половина на наредниот месец.

– Откако слушнав дека може да се закаже термин отидов кај матичната лекарка да ми закаже преглед на интернист или пулмолот, но немаше ниту еден слободен. Се обиде и со приоритет или итен, но и така не можеше. Лекарката вика, едно на телевизија се зборува, но во пракса е друго – вели пациентка од Скопје.

Прегледот ѝ е важен бидејќи без специјалистичко мислење не може да го подигне лекот за астма кој мора да го прима.

Читателка на Слободен печат се обидела да закаже преглед на спортска медицина, но прв слободен термин бил на 10 септември.

Матичните лекари од главниот град објаснуваат дека во скопските поликлиники поголем број од специјалистите се на одмор, поради што и нема термини, а на клиниките за каде се пуштени термини се само за итни случаи, за редовни прегледи нема.

Вчера и денеска имаме вистинска навалица на пациенти кои доаѓаат лично или се јавуваат телефонски во обид да закажат преглед на кој чекаат со месеци, вели Лилија Чолаковска Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари.

– Имав пациентка на која ѝ се запушил катетерот за дијализа, се обидов да креирам редовен упат но не можеше, па ја пратив со итен. Термините за на трансфузија има во октомври. Нема пуштено термини. Имаме листи на пациенти кои сме ги запишувале и кои чекаат да им закажеме прегледи, но не можеме. Веројатно е сезона на одмори па специјалистите немаат пуштено термини – вели Чолаковска Дервишова.

Се враќаат пациенти со мозочни удари, карциноми, кои сакаат да направат контрола.

Министерството за здравство завчера информираше дека согласно епидемиолошката состојба со вирусот КОВИД-19 во државата, веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем „МојТермин“.

„Сите јавни здравствени установи веќе ги креираат термините за прегледи и интервенции во септември. Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите селективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата од КОВИД-19, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми”, се наведува во соопштението од МЗ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот