Македонско – бугарските односи со неизживеани историски комплекси

Османи и Милков во Скопје/Фото: МИА

Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај  Милков рекоа дека ќе работат против говорот на омраза во двете земји, додека македонските и бугарските бизнисмени до политичките елити порачаа бизнисот влече напред во односите меѓу двете земји. Ова се пораките од вчерашниот македонско-бугарски форум што вчера се одржа во Скопје под мотото „До една милијарда и понатаму”, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена за оваа година меѓу двете земји.

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија се првите кои реагираат на говорот на омраза. Тоа е долг процес за којшто е потребно време, но оди кон подобрување, изјавија Османи и Милков одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Скопје.

Говорот на омразата беше една од темите која што беше високо на агендата во разговорот помеѓу двете страни кога се договаравме како ќе ги подобриме односите и таму во протоколот имаме точно пропишани начини како ќе пристапиме на говорот на омраза, како ќе реагираме и како ќе ги спречиме трендовите. Тоа што го констатираме заеднички при овие чести средби е дека најдобриот начин на спречување на говор на омраза е доколку доминира позитивниот договор помеѓу нашите две држави и токму тоа се обидуваме да го поправиме, рече Османи.

Според него, честата комуникација со неговиот бугарски колега, придонесува за да се наметне, како што рече, „позитивна агенда за да не дозволиме простор некој друг да ни наметне лоша агенда и злонамерна агенда”.

-А тоа е по правило. Ако оставите празен простор, вакум нема во односите, ако оставите празен простор некој друг ќе ги во пополни празниот простор. Бизнис форумот денеска е токму тоа – да пополни еден сериозен простор во нашите односи. Јас не очекувам некој денеска некој да зборува негативно во односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија, освен милијарда евра и понатаму. Меѓутоа, се разбира дека не можеме да игнорираме дека имаше провокации во текот на овие месеци, дека имаше обиди за киднапирање на агендата од двете страни – од иредентистички изјави на политичари во Бугарија до изјави овде на наши политичари, па напади врз клубови на бугарската заедница овде во Северна Македонија, кажа Османи.

Потсети дека со Протоколот, двете МНР ќе бидат првиот контакт поинт што ќе реагира, што ќе ги следи трендовите за да укаже дека нешто се случува за да го прекине тој тренд, за да ги информира министерствата коишто треба да преземаат конкретни активности.

Милков, исто така, рече дека и во бугарското МНР има механизам во однос на говор на омраза, исто така има и механизам на заедничко информирање меѓу двете Министерства што е многу експедитивно.

-Најбитно е да го одржуваме тој контакт за да може да реагираме во секој случај. Имаме случаи на заеднички позитивни реакции во кои го известуваме другото Министерство со цел да бидат елиминирани тие негативни тенденции, и ние ги следиме тие состојби, како во Бугарија, така и во Северна Македонија и имавме реакции во однос на конкретни состојби, рече Милков.

Тоа што во што целосно се сложувам, додаде тој, е дека тоа е долг процес, тоа нема да биде завршено оваа година, може и наредната но ставот е дека тоа оди кон подобрување, а не обратно.

-Очигледно е дека имаме неиживеани историски комплекси, неиживеани историски проблеми, што се проектираат во сегашноста и важно е да не дозволиме тие да ја одредуваат нашата иднина, нагласи бугарскиот министер.

Изјавите на бугарскиот пратеник и лидер на партијата Преродба Костадин Костадинов не ја одразуваат официјалната позиција на Бугарија, порача од Скопје Милков.

– Јас сум сосема категоричен дека Костадин Костадинов не ја изразува официјалната позиција на Република Бугарија и на нејзината Влада и мојот апел кон медиумите во Македонија е да не го концентрираат вниманието врз политичари коишто бараат такви крајни искази. Поважен е официјалниот став на Бугарија и многу ќе се радуваме ако вие го посочувате на граѓаните на Македонија тоа што го мисли мнозинството од бугарското општество и политичарите, а не некои луѓе што користат такви термини за да ги истакнат своите политички внатрешни цели, рече Милков на заедничката прес-конференција со Бујар Османи.

Костадин Костадинов, на отворањето на на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје на 25 ноември, рече дека „Македонија е втора бугарска држава, односно треба да бидеме една држава, која ќе се протега од Црното Море до Охридското Езеро”.

Министерот Милков, на новинарско прашање дали смета дека треба да функционираат или да се затворат бугарските културни клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов” и „Цар Борис Трети”, рече оти се надева дека тие клубови ќе можат да функционираат нормално.

-Нивниот број се зголемува, и тоа е според мене е добар знак затоа што гледаат можност во овој тип на организација да ги истакнуваат своите интереси поврзани со нивната етничка идентификација и тоа што очекуваме од Северна Македонија е да биде обебедна нормална средина за функционирање на тие клубови и тие да функционираат во духот на разбирањето, да бидат мостови меѓу нашуте две земји, да не бидат повод за дополнителни поделби и за говор на омраза, така што очекуваме да има реакција и од страна на Владата, така што треба да се постигне едно европско решение и европско функционирање на овој вид здруженија, оцени Милков.

Тој кажа и дека согласно постигнатиот договор, вчера за првпат заеднички ја празнуваме дејноста на Свети Климент Охридски, посочувајќи дека заслугата за ова заедничко чествување е на македонско-бугарско историската Комисија.

-Заслугатата за заедничкото чествување на Свети Климент Охридски е на македонско-бугарско историската Комисија, која дава општа интерпретација на делата на светите Кирил и Методиј и на Св. Климент Охридски. Ова е секако многу позитивен знак, кога имаме заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди и за различни историски личности, што верувам ќе ги реши проблемите во нашите современи односи, рече Милков.

Тој уште еднаш ја потврди поддршката за работата на македонско-бугарско историската Комисија и напомена дека нејзиното успешно функционирање допринесува во работата на нашите добрососедски односи.

Шефовите на дипломатиите Османи и Милков остварија и посета на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје.

Како што соопшти МНР, при посетата на библиотеката, министрите ја разгледаа богата колекција на уметнички дела – изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски”, дело на архитектот Петар Муличковски, како и изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.

Во рамките на посетата, положувајќи цвеќе, двајцата министри заеднички го чествуваа ликот и делото на Св. Климент Охридски, кој воедно е патрон на Националната и универзитетската библиотека во Скопје.

Претходно, Османи и Милков го отворија македонско-бугарскиот бизнис форум.

-Од потпишувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година, бизнисите го препознаа трендот на унапредување на односите помеѓу двете земји. Во изминативе години практичнио секоја година бележиме раст во меѓусебната трговска размена. Само во текот на последните две години, трговската размена е зголемена за 98,3 проценти, рече Османи на отворањето на Форумот.

Оваа година, додаде тој, само во првите три квартали имавме раст од преку 50 проценти со што, кажа, трговската размена надмина 700 милиони евра досега, а проекцијата покажа дека оваа година ќе се надмине и прагот од една милијарда евра.

-Тоа се бројки што се многу ветувачки и на кои сме горди, затоа што ја покажуваат најдобрата страна на политиката, а тоа е да обезбеди потенцијал за бизнисите за граѓаните, со цел унапредување на размената и комуникацијата. Денеска на овој форум имаме над 150 компании и претставници од бизнис заедницата, заинтересирани за меѓусебна соработка меѓу двете земји.

Според Османи, целта е да се поттикнат нови можности за соработка, нови потенцијали што ќе ги препознаат и ќе ги употребат бизнисите за да го задржат овој позитивен тренд.

Бугарскиот министер Милков рече дека позитивните тенденции во нашите билатерални односи и особено во економските односи не се воопшто малку, но за жал тие како да остануваат малку на страна од фокусот на општеството.

-Се очекува за првпат оваа година размената на стоки во нашите држави да надмине една милијада евра што е значајно достигнување. Бугарските компании продолжуваат да покажуваат голем интерес, вклучително и интересот за инвестирање во Македонија во сектори како банкарство, осигурување,  металургија, технологии, комуникации, софтвер а исто така и во прехранбената индустрија и трговскиот сектор, потенцира Милков.

Тој рече и дека активни се и компаниите од Северна Македонија во Бугарија, каде што исто така има инвестиции претежно во прехранбеата индустрија и туризмот.

-Денешниот форум има за цел да ги стабилизира и создаде нови бизнис контакти што ќе бидат искористени на најрационален начин и запознавање на можностите на пазарот на двете држави, нагласи Милков.

На форумот учествуваат над 150 претставници на бизнис заедницата на најголемите компании од двете земји, преставници на стопански комори, како и економски ресорни институции од двете држави.

Бизнисмените до политичките елити порачаа да го застанеме малку говорот на непријателство, да не гледаме кон историјата, туку напред, да му дозволиме на бизнисот да влече напред, да инвестираме во заеднички инфраструктурни проекти и во меѓусебна соработка.

Бизнисмените побараа полесен проток на граничните премини и конечно завршување на Коридорот 8. Политиката да работи на меѓусебната почит меѓу државите, а бизнисот да го најде патот за подобра меѓусебна соработка, порачаа бизнисмените. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот